Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вечерва во „Клик Плус“ на ТВ21 кажа дека нема да биде изненаден ако на престојните избори биде поразена ДУИ.

„Кампањата и за претседтелските и за парламентарните избори ќе биде долга и исцрпувачка, и добро е да бидеме организирани и мобилизирани за истата. Овој пат според сите јавни мерења кои јас можам да ги видам, нема да бидам изненаден ако ДУИ биде поразена“, рече Христијан Мицкоски.

„Не би ги коментирал можните кандидати за ДУИ, тоа е нивна одлука, така што добро е да имаат и свој кандидат кој може да зборува на различни теми, и државни и национални, и граѓански и економски. Јас само би охрабрил да има повеќе кандидати“, изјави Мицкоски.

Тој не ги откри имињата за можни кандидати за претседател од редовите на партијата, но призна дека Гордана Силјановска – Давкова и Александар Спасеноски се меѓу оние 22 имиња кои се кандидати, и дека наскоро ќе биде одбран кандидатот.

„За многу брзо од денеска ќе го знаеме кандидатот. Навистина не го знам, и би било неблагодарно да дадам портрет или име, затоа што, сепак, сакам тој процес да биде достоинствен, трансперентен, темелен. Ние одиме на историски резултат, и мораме така да се однесуваме, одговорно. Многу дисциплинирано се однесуваме по тоа прашање, затоа што на 21. февруари е рокот за заинтересираните да поднесат апликација. Сепак, близу 500 делегати треба да поддржат некој од кандидатите, може ќе се појави некој кој воопшто не го анализираме на нашите анкети, па ќе ги исполни условите“, вели Мицкоски.

Тој истакна и дека во изминатите четири години државата била блиску до предвремени избори, но поради еден пратеник (н.з. Кастриот Реџепи), не дошло до ново парламентарно мнозинство. Мицкоски вели дека сега тој пратеник е оставен сам и владеачката структура се откажала од него.

„Колку порано заминеше оваа влада, толку ќе беше подобро за државата и граѓаните. Работа на опозицијата е да бара избори. Но, ние го немавме тоа мнозинство. Бевме блиску, но еден пратеник душата, срцето го бараше во Вашингтон и така натаму, за на крај тие кои го заштитија, на крајот го остават сам и го пуштија, но тоа е друга тема и тоа зборува за карактерот на оние кои го манипулираа тој човек. Бевме блиску, но не успеавме, но треба да се каже дека јас како претседател на ВМРО-ДПМНЕ барав избори кои ќе се одржат претседателски и парламентарни во ист термин, и тоа се случува. Вториот круг на претседателските и парламентарните избори се во ист ден. Немаме одвоени избори како што беа најавите од владеачкото мнозинство“, рече Мицкоски.