СОПРУГАТА НА АСАНЖ: Нападот кон него е напад врз слободата на медиумите

/ 21.02.2024

Сопругата на основачот на Викиликс Стела Асанж денеска изјави дека нападот врз Џулијан Асанж е „најлошиот напад врз слободата на медиумите што светот некогаш го видел“.

„Нападот врз Асанж е најтешкиот напад врз слободата на медиумите што светот некогаш го видел. Тој е екстратериторијален и го спроведува една земја, применувајќи ги своите закони во остатокот од светот, врз странски државјанин кој објавувал во друга земја. “, изјави Асанж за Франс 24.

Според неа, нападот врз Асанж претставува „декларација за универзална јурисдикција над печатот во која една држава тврди дека има моќ да ја ограничи не само способноста на новинарите да ја вршат својата работа, туку и правото на јавноста ширум светот да знае.”

Во високиот суд во Лондон се одржа дводневно рочиште во врска со жалбата на основачот на „Викиликс“ против одлуката за негова екстрадиција во Соединетите Американски Држави.

Вчера адвокатите на Асанж први се обратија пред судот, велејќи дека се работи за политички мотивиран случај, додавајќи дека се прекршени човековите права на нивниот клиент, јавува Би-Би-Си.

Тие истакнаа дека имаат докази за заговор на американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) за убиство на Асанж за време на претседателствувањето на Доналд Трамп.

Адвокатот Ед Фицџералд рече дека не може да им се верува на американските гаранции за фер третман, додавајќи дека неговиот клиент може да биде осуден на „грубо неправеден и непропорционален начин доколку биде екстрадиран“ во Соединетите држави.

Американските адвокати денеска се обратија пред судот, велејќи дека обвинението за шпионажа против новинарот е „засновано на владеењето на правото и доказите“.

„Ова гонење можеби е без преседан, но она што тој го направи беше без преседан“, изјави денеска адвокатката Клер Добин, која ги застапува САД.

Порталот на Асанж „Викиликс“ стана познат во 2010 година кога објави видео од американската армија во кое десетици луѓе, меѓу кои и двајца новинари на Ројтерс, беа убиени во напад на хеликоптери „Апачи“ во Багдад во 2007 година.

После тоа, беа објавени илјадници тајни доверливи документи и дипломатски извештаи во кои САД ги критикуваат светските лидери, од рускиот претседател Владимир Путин до членовите на саудиското кралско семејство.

Во САД, Асанж е обвинет за шпионажа по 17 точки, а доколку биде прогласен за виновен, може да добие и до 175 години затвор.


Од истата категорија