Собирањето потписи од граѓаните за кандидатите за претседател на претстојните избори, што почна на 23 февруари, ќе трае до денеска на полноќ.

Според податоците од ДИК, од 15-те пријавени кандидати за собирање потписи за претседателските избори, досега потребните 10.000 потписи ги собраа Стево Пендаровски поддржан од СДСМ кој има 22.411 потписи, Гордана Силјановска Давкова од ВМРО-ДПМНЕ – 28.086, Бујар Османи од ДУИ – 11.085, Арбен Таравари од албанската опозициска коалиција Вреди – 10.710, кандидатот на ГРОМ Стевчо Јакимовски – 11.278, Максим Димитриевски лидерот на ЗНАМ-За наша Македонија – 11.605 и Билјана Ванковска Цветковска од Левица – 10.528 потписи.

Сите останати кандидати имаат помалку потписи – кандидатката Мерсиха Смаиловиќ поддржана од Бошњачкиот демократски сојуз има 2.100, Вело Марковски – 1.596 потписи, Ѓорѓи Манасков – 483, Зорица Цветковска – 269, Господин Попоски 141, Гоце Ристов – 4 и Драган Николовски два потписа. Досега, според ДИК, ниту еден потпис нема за кандидатот Томе Николоски.

Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.

Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10.000 потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.

Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ.

Фото: МИА архива