После соопштението на СДС дека Панче Тошковски е крив за безбедносната ситуација и фактот што има обид за убиство на нивен коалициски градоначалник, МВР можеби стварно треба да влезе во СДС за да провери некој да не упаднал во седиштето на партијата, преземал контрола и пушта вакви глупости во јавност, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.
-СДС е креатор, поддржувач и логистичар на криминалните банди на ДУИ кои се пресметуваат меѓу себе. Тој е деветогодишен систем граден лично од Оливер Спасовски, Зоран Заев и Димитар Ковачевски. Тие стапија во брак со криминалците, добиваа услуги, им полнеа за кутии, а за возврат власта на Спасовски, Заев и Ковачевски требаше да замижи пред секој нивен криминал. Сега се плаќа цехот. СДС треба да побара одговори за состојбите од нивниот стопан Али Ахмети, од Артан Груби, и од Спасовски. Ако се толку загрижени по истиот принцип ќе побараат одговори и за модуларната болница, за да не мислат дека кабелот е крив за десетици жртви, за трагедијата во Ласкарци, автобуската несреќа во Бугарија, за погромот на Онкологија и препродажба на цитостатици. Се дотогаш СДС, Ковачевски и Зечевиќ може само да го бројат времето за вистинско соочување со правдата, кое следи веднаш по изборите во мај. Тогаш Македонија ќе стане повторно во сопственост на секој еден граѓанин, за сметка на криминалните банди на СДС и ДУИ, велат од опозициската партија.