Бројот на мигранти без легален статус во САД е намален на најниско ниво за повеќе од десет години, покажа истражување на американската невладина организација „Пју рисрч центар“.
Според организацијата, во 2016 година во САД имало 10,7 милиони мигранти без легален статус. Една година претходно нивниот број изнесувал 11 милиони, а најмногу биле во 2007 година кога 12,2 милиони мигранти во САД биле без легален статус.
Нивниот број во 2016 година е најмал од 2004 година, истакнува „Пју рисрч центар“ и додава дека падот се должи главно на намалување на бројот на мексикански мигранти на 5,5 милиони лица во 2016 година од околу седум милиони во 2007 година. Некои од нив се вратиле во татковината, а други биле депортирани.