Секогаш кога имаме влада од СДСМ има директен удар врз македонскиот идентитет, затоа мора да се потсетуваме да не се заборави, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот митинг во Гостивар.
Мицкоски рече да треба да не загрижува принципот во трите збора „како до сега“.

„И тука има голема вистина, сите потценуваат, јас само сакам да предупредам што се случува изминативе дваесет години. Овој принцип значи наместени тендери во 4 очи, повеќе имот на семејството на Груби низ Македонија, уште некоја утакмица во раскошните кабинети кои вие ги плаќате, уште некоја нова Соравија, уште некоја нова хациенда“, кажа Мицкоски.

Мицкоски апелираше дека граѓаните ќе имаат можност на 24 април да заокружат број два и оти ништо нема да има од ова до сега.
„Така Македонија ќе биде повторно горда, со заокружување на број 2“, потенцираше Мицкоски.

Претседателот Мицкоски се осврна и на Стево Пендаровски и неговата реторика на средбите со граѓаните и митинзите.
„Пред три дена, Пендаровски ја кажа целата вистина содржана во неговото битие, излезе пред граѓаните и рече – се сеќавате 2019 дека ви реков ќе победиме, и им вели ако не водиме во првиот круг очи не сакам да ви видам. Е тоа е Стево кој немаше да знае каде е Македонија, тоа е тој кој повеќе од 30 години функционира на македонската политичка сцена и е измеќар и слеп послушник“, вели Мицкоски.

Мицкоски му порача на Пендаровски дека народот со заокружување на број 2 на 24 април ќе му помогне да почне со пакување, а на 8 мај веќе да ја напушти Македонија.

Претседателот Мицкокси укажа дека понуда од другата страна е Гордана Силјановска Давкова.
„Од друга страна е Гордана Силјановска Давкова која е класичен прототип на горда Македонија, борец во македонскиот парламент која заедно со колегите останаа доследни во борбата за Македонија и не го прифатија бугарскиот диктат“, посочи Мицкоски.