– Овој пазар овде во Крива Паланка пред десетина години бил полн со граѓани и со продавачи и со купувачи. За разлика од тогаш сега гледаме дека пазарот е готово празен, а основната причина е што нема луѓе, нема народ.

Граѓаните се иселени како резултат на „добрите“ политики во изминатите 10-15 години.

Клучот на нашата заложба и на нашата битка е како да создадеме услови, нашите луѓе од Република Македонија, поготово младите и младите брачни парови да не се иселуваат. Се иселува дел од економски причини, но голем дел се иселуваат како резултат на тоа што нема систем во Република Македонија. Значи младите бараат да има систем, да функционира судско-обвинителскиот систем, да функционира државната администрација, да имаме функционален пазар на труд, да имаме функционална пазарна економија, да имаме развиени мали и средни претпријатија, но за сето тоа ни е потребно да имаме инвестиции.

Во Република Македонија се потребни инвестиции над 50 милијарди евра, инвестиции во инфраструктура, во железница, во сообраќај, во делот на индустријата, преработувачката индустрија, ни требаат инвестиции во делот на енергетиката, Вардарска долина да се направи (11 хидроцентрали на реката Вардар“, да се направи браната Чебрен-Галиште. Во исто време од Вруток па до излегувањето на Вардар од Република Македонија да се направат пречистителни станици, за Вардарска долина да функционира мораме да имаме пречистителни станици. Исто така мораме да направиме комплетни урбанистички планови за сите излетнички места и за Попова Шапка, и за Галичица, Галичица мора да се спои со Охридското Езеро, Пелистер, Кожуф, цела северна Грција може на Кожуф и да зимува и да летува, исто так аи овде на Осоговските планини во близина на Крива Паланка.

Значи на Република Македонија ѝ е потребен еден сеопфатен инвестиционен план во којшто дел од работите ќе се дадат под концесија, пред сѐ тука мислам на железницата и на хидроцентралите, а сѐ останато, како резултат на енормните вложувања во делот на градежништвото, значи дека ќе се поткрене целата економија, ќе се зголеми бруто-општествениот производ, ќе имаме поголема можност за вработување, ќе се развијат уште останати 24 индустриски гранки, а тоа значи поголема можност за враќање на нашите млади овде во Република Македонија. И како резултат на тие големи јавни работи секако дека ќе се поттикне развој на малите и средните претпријатија коишто се основен двигател на развојот во една држава.

За жал, ние со ваков однос на администрацијата и енормни партиски вработувања во администрацијата, партиите практично го осакатија приватниот сектор, го оставија без работна сила, а особено без онаа креативна работна сила. – истакна Јакимовски.

Новинарски прашања: Комантар за избегнување на дебата од страна на противкандидатите Силјановска и Пендаровски:

– Ова се срамни денови за македонската демократија каде претседателските кандидати сметајќи се себе за некакви фаворити, односно за продолжена рака од нивните партии, очигледно со недоволно аргументација и недоволно познавање на материјата за којашто треба да разговараме, а тоа е за улогата на Претседателот во Република Македонија и во развојот на Република Македонија, тие немаат сили да се соочат со аргументите на своите противкандидати.

Очигледно дека тие не се во состојба да воспостават дијалог со своите политички конкуренти, коишто гледате дека не се тепаме, ниту навредуваме, напротив само сакаме аргументирано да разговараме. Епа како ќе бидат претседатели, како ќе воспостават дијалог меѓу власт и опозиција, како ќе воспостават дијалог за клучни прашања во Република Македонија, ако не се спремни да водат дијалог со своите противкандидати?

Она што јас имам да им порачам е дека вие можете да се скриете од дебатите, но од граѓаните на Република Македонија нема да се скриете.

Тоа што госпоѓата Силјановска научила да ни кажува како лекции и кадешто мора да ја слушаат членовите на ВМРО-ДПМНЕ, кои буквално ги приведуваат на нивните митинзи, не дава за право да се смета дека е апсолутен фаворит. Напротив, сметам дека нејзините теоретски познавања треба заеднички да ги соочиме и граѓаните да видат кој е кој во македонската политика односно кој разбира и внатрешна и надворешна политика, кој знае геополитика, геостратегија и така натаму.

Јас имам и една порака и до господинот Бујар Османи, многу често го слушам дека тој бил европски форнт и така натаму. Господине Османи, можеби фронтот ви е европски, можеби замислата ви е европска, меѓутоа однесувањето ви е балканско, особено при практицирање на власта во Република Македонија. Се однесувате крајно балкански, неодговорно, играте фудбал по канцелариите, се тепате по канцелариите, голем дел од вашите функционери на несоодветен начин ја практицираат својата функција, што значи дека вашите европски заложби се само декларативни, а во практика ниту малку не придонесувате за развој на функционалното работење на администрацијата во Република Македонија. Напротив, на таков начин само вршите уназадување на функциите на јавната и на државната администрација и сите оние ваши декларативни заложби за европска Македонија се само обична декларација, а во практика претставуваат нешто сосема друго.

За разлика од вас јас на своето работно место се однесувам европски, на своето работно место се однесувам демократски, никој не е рекетиран, никој не е корумпиран, на секој граѓанин му се посветува максимално вниамние и моите служби за разлика од вашите функционираат без да треба било кој и било кому да баци рака. Ете тоа е вистинско европско однесување за разлика од вашето кое е само декларативно. – одговори Јакимовски, се наведува во партиското соопштение.