Народот знае дека гласот за Стево е глас за ДУИ, Али Ахмети и Артан Груби. Гласот за Стево е глас за неговото тврдење дека Гоце Делчев е Бугарин. Гласот за Стево Пендаровски е глас за навредите на човек кој во отсуство на аргументи напаѓа и навредува жена. Гласот за Стево Пендаровски е глас за човек кој вели дека бугарскиот диктат мора да се прифати, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од митингот во Велес во рамките на претседателската изборна кампања.
Стево пак, вели Мицкоски, главно што сработи е што пренесуваше поздрави до Бојко, со реченицата – кај си љубави имаш поздрав од Зоки…..и кога не пренесуваше поздрави учествуваше во се што е криминално и нема закон кој не го потпиша.
Понатаму, Мицкоски посочува и дека гласот за Стево Пендаровски е глас за човек без свое јас и човек кој не верува во принципи, гласот за Стево Пендаровски е глас и одобрување на прогонот на патриотите и луѓето кои се жртви на политичка хајка за 27 април за кои луѓе кои не бараат милостина туку правда, Стево со прст не мрдна.
„А денес одбројувам уште еден неславен јубилеј. Поминаа буквално 14 дена од изборната кампања, а Стево Пендаровски ниту еднаш не го нападна или искритикува ДУИ и Ахмети за било што. Тоа значи дека е привезок на ДУИ, нивен втор кандидат за претседател. Граѓаните тоа жестоко ќе го казнат на изборите, најпрвин на 24-ти април, а потоа и на 8-ми мај“, рече Мицкоски.
Од Велес, Мицкоски испрати апел до македонските граѓани, масовно да се излезе на гласање затоа што овие избори ќе се одлучат уште во првиот круг на 24 април со тоа што својот глас ќе го дадат за професорката Гордана Силјановска Давкова и за ВМРО-ДПМНЕ која што претставува движечка сила на промени.
„Гласајте за професорката Гордана Силјановска Давкова. Народот на овие избори има јасен избор. Нашата понуда за претседател е личност со извонреден интелект, и интегритет. Личност со верба во принципи и со свој став. Ставовите на професорката Гордана Силјановска Давкова може да не ви се допаѓаат или да ви се допаѓаат, но не можете да спорите дека секогаш тие се издржани и со аргументи. Тоа е жена која е чесна во политиката и со огромно знаење“, истакна Мицкоски.
Посочи дека гласот за Гордана Силјановска и заокружувањето на бројот два е глас за горда Македонија, за Македонија со верба и иднина, за принципи и вредности.
„Поддржувајќи ја Силјановска вие поддржувате жена со визија и енергија за промени, жена која цврсто верува во правото и правдата. Таа ќе биде гаранција и брана над сите повреди и кршења на Уставот и законите. Затоа изборот е јасен“, порача Мицкоски