Европската комисија реши да му предложи на Советот на ЕУ склучување на договори за асоцијација со Андора и со Сан Марино, што ќе претставува значајна пресвртница во напорите на Унијата за развој на посебни односи со соседните земји.
Во соопштението на ЕК се посочува дека договорите за асоцијација ќе им овозможи на Андора и Сан Марино пристап до внатрешниот европски пазар, како на оној што го имаат Исланд, Лихтенштајн и Норвешка, како зајакнување на соработката со ЕУ во други области согласно нивните амбиции за градење поблиски односи со Унијата.
Во однос на пристапот до внатрешниот европски пазар, како што јави дописникот на МИА од Брисел, за Андора и Сан Марино, ќе важат истите правила и услови за конкурентност како и за членките на ЕУ. Кога станува збор, пак, до пристапот на пазарот на финансиски услуги, тој ќе зависи од придржување до строгите регулаторни и надзорни рамки, што ќе биде под мониторниг на контролните органи на ЕУ.
Со договорите за асоцијација се воспоставува рамка за развој и унапредување на дијалогот и соработката на двете земји со ЕУ во повеќе области од заеднички интерес, како истражувањето, развојот, образованието, културата, социјалната политика, заштитата на животна средина и на потрошувачите, како и регионална соработка.
При склучување на договорите за асоцијација се земаат предвид и посебната положба на Андора и Сан Марино, нивните специфични односи со соседните земји членки на ЕУ, како и нивната големина и по површина и по население.
ЕУ ќе може да ги склучи договорите за асоцијација со Андора и со Сан Марино откако тоа ќе го одобри Европскиот совет, а потоа согласност ќе треба да даде и Европарламентот. По потпишувањето на договорите ќе следи процесот на нивна ратификација согласно процедурите на ЕУ и на двете земји, по што тие ќе може да стапат во сила.
Советот за општи работи на ЕУ на 16 декември 2014 година донесе одлука за започнување преговори за склучување на договори за асоцијација со Андора, Монако и Сан Марино. Преговарачкиот процес на Европската комисија со Андора и Сан Марино почнаа во јануари 2022 година, по што Советот на ЕУ во јуни истата година даде рок за нивно завршување до крајот на 2023 година. Во периодот од март 2022 до декември 2023 година беа одржани вкупно 49 преговарачки сесии меѓу ЕК и двете земји, што доведе до затворање на преговорите до крајот на годината и изработка на заклучоци врз основа на кои сега ЕК го предлага потпишувањето на договорите за асоцијација.