Црногорското Министерство за надворешни работи побара денеска од српската Амбасада во Подгорица да овозможи полиција да влезе во просториите на тоа дипломатско претставништво поради ситуацијата со српската државјанка Бранка Милиќ обвинета за обид за терористички напад на денот на парламентарните избори во 2016 година.
Од суд во Подгорица, Милиќ побегна во зградата на српската Амбасада.
МНР на Црна Гора го повика српскиот амбасадор кому му беше врачена нота со барањето за пристап на надлежни црногорски органи во просториите на Амбасадата.
„Пристап и влез на надлежни органи на Црна Гора во просториите на Амбасадата на Србија во Подгорица побарано е во согласност со националната потерница распишана за обвинетата Милиќ по наредба на Суд во Подгорица“, се нагласува во соопштение.