Народот кажа, идна коалиција во Македонија ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Вреди“, порача денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Треба да се почитува волјата на граѓаните. Ако го анализирате изборниот резултат, ќе дојдете до следниот заклучок, дека владините кандидати Стево Пендаровски и Бујар Османи освоија вкупно 300,000 гласа. Ако го гледате резултатот кој го одлучија граѓаните, а тоа е резултатот на Гордана Силјановска Давкова идниот претседател и градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари тоа е близу 450,000 гласа што значи за еден и пол пати повеќе, истакна Мицкоски во одговор на новинарско прашање при увидот на градежни активности во Општина Аеродром.
Посочи дека народот веќе кажал оти идна влада ќе ја предводи ВМРО-ДПМНЕ, а во нејзе ќе биде коалицијата која на овие избори настапи под името „Вреди“.
Одлучија граѓаните, а јас жалам што Али Ахмети во јавноста сака да се претстави како идеолог и многу силен, а во позадина ни праќа емисари и безусловно сака да влезе во идна коалиција со ВМРО-ДПМНЕ и со „Твоја Македонија“. Жалам што Ахмети се опкружи со луѓе кои и него го злоупотребуваат, за да прават, условно кажано, криминал и да ја ограбуваат Македонија. Жалам што Ахмети опкружувајќи се со овие луѓе наместо да заврши како политички пензионер и да биде идеолог тој ќе заврши како соучесник во криминалот на неговите блиски соработници кои набргу од денеска, македонската јавност, сите граѓани во Македонија без разлика на етничката припадност ќе бидат сведоци, а за што имаме голем број докази, посочи Мицкоски.
Најави дека во вториот круг на претседателските избори очекуваат поддршка за Силјановска Давкова од ЗНАМ, но и од гласачите на сите кандидати кои не влегоа во вториот круг.
Очекуваме поддршка за нашиот претседателски кандидат од Максим Димитриевски. Ги повикувам сите гласачи на сите кандидати кои не влегоа во вториот круг да го поддржат идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова затоа што на тој начин Македонија ќе биде повторно ваша, повторно горда, а не понижена ограбена како што е сега. Да одиме напред бидејќи сите одат напред, да не тонеме во политичкото мочуриште кое не влече назад и да бидеме заробеници на неколкумина кои станаа милионери, а голтари влегоа во политиката, нагласи Мицкоски.