Бројот на приведени граѓани за време на првомајскиот протест во Истанбул се зголеми на 210, изјави турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја.

„Приведени се 210 лица кои не ги послушаа предупредувањата и се обидоа да одат на плоштадот Таксим и ги нападнаа нашите полицајци на Денот на трудот и солидарноста, 1 мај во Истанбул“, напиша министерот на платформата „Икс“.

Како што јави ТВ каналот ТРТ Хабер, 28 полицајци се повредени кога учесниците на собирот ги нападнале со камења и стапови со знамиња.

На повредените полицајци им била укажана помош во градските болници.

Турската полиција денеска приведе група луѓе кои се обидоа да протестираат на плоштадот Таксим и покрај забраната на владата за првомајски собири, а на неколку претставници на синдикатите им беше дозволен пристап до споменикот на тој плоштад посветен на жртвите од инцидентот на 1 мај 1977 година. кога напаѓач отворил оган кон демонстрантите собрани на тоа место.