Веднаш откако новото мнозинство на ВМРО-ДПМНЕ, ВРЕДИ И ЗНАМ, го изгласа со 76 гласа „за“ и шестмина против, новиот собраниски спикер, повторувајќи по претседавачката на конститутивна седница Мерита Колчи Коџаџику, свечената изјава која ја почна на албански јазик, се заколна дека ќе ги почитува Уставот и законите, но токму тие беа прекршени со ваквиот чин, реагираа дел од опозициските пратеници.

Пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска Стојчевска на социјалните мрежи целата церемонија ја оцени како скандалозна. Според неа новиот Претседател на Собранието го прекршил духот на мултиетничноста на нашата држава, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва.

-Јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање – јазикот е средство за службена и друг тип комуникација. Трето, претседател на Собрание може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец и било кој друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Македонија е македонскиот јазик, напиша Костадиновска Стојчевска.

Но, под оваа објава, таа доби голем број негативни коментари од своите фанови.

„Зошто не го кажа на говорница ова што го напиша? Ако се плашиш или не знаеш, има решение. Тргај се, има кој не се плаши!“, „Што не излезе на говорница, туку се криеш по социјалните мрежи? Свесна ли си дека си пратеник, а не јалов дискутант на ФБ? Или навиката што ја негувавте овие години ви создаде чувство дека Фејсбукот е местото на вашето пројавување?“… се само дел од критиките што ги доби Костадиновска-Стојчевска.