Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
На почетокот од трудот се појаснува дека многубројните дилеми и отворени прашања поврзани со историјата на античка Македонија веќе долго време се тема за полемизирање меѓу историчарите. Основните проблемски прашања за кои се полемизира се, пред сè, етничката припадност на античките Македонци, припадноста или неприпадноста на античките Македонци кон хеленскиот свет, карактерот на походот на Александар III Македонски во Азија (дали тој поход е македонски или хеленски), посебноста на античката македонска култура, јазикот и „писмото“ на античките Македонци, чиј е Александар Македонски (на денешните Македонци или, пак, на денешните Грци), односно кој е денешен наследник (автентичен) на античките Македонци и слично.
Александар Македонски во фолклорот и книжевноста од 19, 20 и 21 век
Појавата на ликот на Александар Македонски во македонската книжевност е разгледувана од повеќе аспекти и во неколку историски периоди: фолклор, средновековна книжевност, македонска книжевност во 19 век, македонска книжевност во 20 век, како и најновите книжевни дела во кои се јавува ликот на Александар Македонски, односно оние од првата деценија на 21 век за кои може да се користи и терминот современа македонска книжевност.
Во рамките на фолклорот ќе бидат елаборирани народните песни, приказни, преданија и легенди во кои се јавува ликот на Александар Македонски, а кои биле запишувани и објавувани од разни собирачи на народни умотворби како што се Стефан Верковиќ, Кузман Шапкарев, Марко Цепенков, браќата Димитрија и Константин Миладиновци, Андре Мазон, Евлија Челебија и други. Во овој контекст се осврнуваме и на „Веда Словена“, мистификацијата на Јован Гологанов и Стефан Верковиќ.
Во рамките на средновековната книжевност, пак, земени се предвид романот „Александрида“ и неговата појавност во нашата средина, „Претскажувањата на Голем Александар“ од Атанас Македонец и еден расказ за Александар Македонски. Во врска со македонската книжевност од 19 век елаборирано е присуството на Александар Македонски во книжевноста во тој период, но и односот на одделни наши културни дејци кон оваа маркантна историска личност, како што се, на пример, Ѓорѓија Пулевски и Исаија Мажовски.
И во рамките на обработката на македонската книжевност во 20 век и во првата деценија од 21 век се врши преглед и интерпретација на делата во кои се јавува ликот на Александар Македонски. Сепак, овде треба да се нагласи дека интересот за овој лик во нашата книжевност нарасна во последните две децении на 20 век. Се појавија дела од сите книжевни жанрови во кои главна тема беше токму феноменот Александар Македонски.
Темата „Александар Македонски“ беше предизвик за авторите Анте Поповски, Слободан Мицковиќ, Петре Бакевски, Атанас Вангелов, Венко Андоновски, Владимир Шопов, Ката Мисиркова–Руменова, Митко Маџунков, Радован Павловски, Јордан Даниловски, Петар Бошковски, Петар Башески, Трајан Петровски, Тихомир Стојановски, Пандо Колевски, Владан Велков, Александар Донски, Мирче Нешовски, Кире Неделковски, Никола Алтиев, Перица Сарџоски и многу други.
Делата (роман, расказ, поезија, драма) на овие автори во кои се јавува ликот на Александар Македонски се анализираат и се интерпретираат, се разбира, во основа од аспект на главната тема на овој труд – ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите.
Воведни белешки од авторот на книгата д-р Ранко Младеноски
Книгата „Александар III Македонски во македонската книжевност“ претставува, всушност, адаптирана верзија за публикување на докторската дисертација со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“ изработена под менторство на професорот Венко Андоновски и одбранета на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје во 2010 година пред комисијата во состав проф. д-р Виолета Димова, проф. д-р Добрила Миловска, проф. д-р Весна Мојсова–Чепишевска, проф. д-р Нина Анастасова–Шкрињариќ и проф. д-р Венко Андоновски.
Изработката на докторскиот труд траеше од 2005 до крајот на 2010 година, а тоа значи дека во студијата се интерпретирани книжевните дела од македонската литература поврзани со Александар Македонски што се објавени до крајот на првата деценија од овој наш 21 век и дека не се земени предвид оние дела од македонската книжевност за кралот Александар што се публикувани по 2010 година. Сметавме дека апликативниот материјал е сосема доволен за да се илустрира основната теза што се нуди во оваа книга. Извршени се овде само минимални корекции и дополнувања на докторската дисертација по сугестии на членовите на комисијата за одбрана за што во оваа пригода им изразуваме огромна благодарност.
Основната цел на оваа студија е да се покаже присуството на македонскиот крал Александар III Македонски во македонските книжевни дела и неговата (и книжевна и книжевно-историска) улога како знак што обединува многубројни култури од различни времиња и од меѓусебно оддалечени простори. За таа цел беа консултирани бројни трудови од светски и македонски автори од историската наука, книжевната теорија и политикологијата без кои овој труд не ќе ја имаше ваквата интегрална форма.
Историскиот и книжевно-теорискиот дел на студијава беа неопходни за да се воведе читателот во елаборациите од апликативниот дел што се однесува на интерпретации на дела од македонската книжевност и тоа од нејзините почетоци (народната литературата), преку средновековието и 19 век па сè до нашата книжевност од 20 и од првата деценија на 21 век, а тоа ќе рече дека нашата амбиција (заедно со менторот, професорот Андоновски) беше да се изработи една екстензивна студија за застапеноста на Александар Македонски во македонските книжевни дела и тоа, пред сè, од аспект на неговата улога како интерактивен код на културите. Дали и колку сме успеале во тоа ќе каже и ќе процени читателската публика, а бездруго ќе покаже немилосрдниот и правичен суд на времето. Во таа смисла, без никаков зазор ја нудиме оваа студија за прочит и за размисла за прочитаното.
(Подготвил: Д. Г.)