В недела на 16 јуни ВМРО-ДПМНЕ ќе одржи седници на Извршниот и на Централниот комитет на кои ќе биде утврден списокот на новите членови на владата од Коалицијата „Твоја Македонија“, информира денеска мандатарот Христијан Мицкоски. Во вторник на 18 јуни до Собранието ќе биде доставен официјалниот список на членовите на новата влада,
Во меѓувреме, Мицкоски ги отфрли тврдењата на СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ коалицира со ДУИ, откако нејзините пратеници гласаа за законот за реорганизација на Владата. Мицкоски рече дека тоа е ветување на ВМРО-ДПМНЕ, а ДУИ ќе биде во опозиција.
Христијан Мицкоски се очекува да биде следниот премиер на државата, а негов прв заменик ќе биде Изет Меџити од ВРЕДИ, кој ќе биде министер за екологија. Покрај ова, ВРЕДИ ќе има и вицепремиер за добро владеење. ВРЕДИ ќе го предводи и Министерството за здравство, каде на чело се очекува да биде Арбен Таравари. Албанскиот кадар ќе го предводи и Министерството за економија и труд, Министерството за социјална политика, демографија и млади, но и Министерството за евроинтеграции. Заменици министри од ВРЕДИ ќе има во одбраната, полицијата, културата, образованието, транспортот, етничките заедници и земјоделството. Ќе има и државни секретари во одделенијата предводени од коалициски кадри, но и околу 400 раководители на институции.