Хамас бара писмени гаранции од САД за спроведување на договорот за траен прекин на огнот и повлекување на израелските сили од Појасот Газа, изјавија два египетски безбедносни извори.
Посредниците Катар и Египет соопштија дека Хамас вчера одговорил на трифазниот план за примирје, без да откријат повеќе.
Планот беше претставен од американскиот претседател Џо Бајден на крајот на мај. Повикува на целосен прекин на огнот за шест недели. Во овој период би била ослободена одредена група заложници. За возврат, ќе бидат ослободени и Палестинците од израелските затвори.
Во следната фаза борбите би биле трајно прекинати и преостанатите заложници би биле ослободени, а според предлог-резолуцијата, последната фаза би опфатила реконструкција на Појасот.
САД објавија дека Израел го прифатил предлогот, но Израел тоа јавно не го признава.
Египетски извори и трет извор запознаен со разговорите велат дека Хамас изразил загриженост дека сегашниот предлог не дава јасни гаранции за премин од првата фаза на планот, кој вклучува шестнеделно примирје и ослободување на некои заложници, до втората фаза, која вклучува траен прекин на огнот и израелско повлекување.
Египќаните тврдат дека Хамас ќе се согласи само доколку предлогот содржи гаранции, а Египет е во контакт со САД во врска со ова барање.
Кога го објави планот, Бајден рече дека прекинот на огнот ќе продолжи доколку преговорите за преминување во втората фаза траат повеќе од шест недели.
Американскиот шеф на дипломатијата Ентони Блинкен денеска изјави дека Хамас предложил голем број измени на предлогот и дека некои од нив се неспроведливи.