Претседателот на шпанската ексклава во Северна Африка, Сеута, Хуан Хесус Вивас, денеска изјави дека уште околу 6.000 мигранти сè уште „талкаат“ низ тој град без можност да ги „задоволат своите основни потреби“, по масовниот прилив на мигранти минатата недела.
Вивас изјави дека минатата недела, за време на масовниот прилив на мигранти, во Сеута влегле околу 80.000 мигранти, податок кој е за 8.000 повисок од бројката што ја соопшти шпанското Министерство за внатрешни работи, пренесува „Мундо“.
Тој истакна дека Сеута во моментов се грижи за 1.100 малолетници без придружба, додека пред почетокот на јули под нивно старателство имале 180 малолетници. Вивас исто така нагласи дека Сеута има капацитет, според законот, да се грижи за најмногу 90 малолетници без придружба.
– Се наоѓаме во критична ситуација. Бараме помош од остатокот од Шпанија – изјави Вивас, додавајќи дека моралот на населението во Сеута е на многу ниско ниво.
Шпанската ексклава Сеута, заедно со Мелиља, ја претставува единствената копнена граница на Европската Унија со Африка и често е дестинација за мигрантите кои се обидуваат да влезат на територијата на ЕУ.




