Во неколку продолженија Денешен ќе објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“.
Во изворите за античката историја на Македонија може да се сретне и податокот дека понекогаш се избегнувало Македонците да се именуваат со нивниот етноним (доминантна практика и денес) поради што се прибегнувало кон користење на супститути од типот „оние од Филип” и „оние од Александар“: „Во делфиските хиеромнемонски листи, за разлика од делегатите на сите други амфиктионски племиња чиешто претставување се изразувало во форма на етносот, Македонците биле наречувани просто ’оние од Филип‘ или ’оние од Александар‘“.[1] Ваквата практика во античкиот период ја потврдува и Фанула Папазоглу: „Со тоа, всушност, Македонија била примена во грчката заедница. Покрај претставниците на грчките градови, од тогаш, во советот на Амфиктионијата седеле и hoi para Philippou – и во тоа се огледа новото време, кое во себе го носи печатот на личноста“.[2]
Дека етничкото разликување меѓу Македонците и Грците се зачувало долго време по античкиот период потврдува и еден патопис од 15 век: „Тој ден султанот застана на една рамнина во близината на една река, наречена Аква Бруна (Црна Река). На 17 август замина од ова место и залогорува во близината на една убава и раскошна крепост, наречена Бари, која се наоѓа покрај морскиот залив. Тука живеат Грци и Македонци (во оригиналот: Greci e Macedoni)“.[3]
Дали античките Македонци биле Хелени?
Но, независно од сè, останува фактот дека античките Македонци не биле „Грци“ затоа што тој термин (Грци) воопшто не се употребувал сè до 2 век пр. н.е. Тоа значи дека прашањето коешто останува како дилема е „дали античките Македонци биле Хелени?“.
Терминот Хелада (па според тоа и терминот Хелени) не е докрај јасен, односно не се знае што означува точно овој термин. Факт е дека во античко време не постоела државна заедница ниту под името Грција ниту под името Хелада,[4] туку овој термин (Хелада) најчесто се употребува за да ја означи територијата на којашто живеат Хелените. Токму поради тоа, употребата на овој термин за просторни детерминации создава забуни, односно предизвикува нејаснотии. Имено, не е јасно што сè спаѓа во таа т.н. „Хелада“. Не е јасно дали во Хелада спаѓаат Епир, Тесалија, западниот брег на Мала Азија, сите острови во Егејското Море, па дури и Пелопонез:
„Ајсхин ги открива плановите на македонскиот владетел; тој на подиумот го качува аркадскиот глумец Исхандар за да ги раскаже сплетките на Филип во Аркадија; тој вика дека ’Филип ја прибира Грција и Пелопонез додека Атина спие‘“.[5] (истакнатото наше – Р.М.).
Откако терминот „Грција“ од наведениот цитат ќе го замениме со автентичниот термин „Хелада“ тогаш ќе ја добиеме релевантната (за тоа време) синтагма „Хелада и Пелопонез“. Оваа синтагма го наметнува прашањето дали Пелопонез спаѓа во Хелада или, пак, е надвор од Хелада! Доколку Пелопонез спаѓа во Хелада, тогаш авторот не би ги разделувал нив во нелогична синтагма „Хелада и Пелопонез“, зашто никој денес не вели „Охрид и Македонија“, туку „Охрид во Македонија“. Ако некој дел е надвор од целината тогаш тој дел не е дел од таа целина, а тоа би значело дека делот Пелопонез не е дел од целината Хелада. Токму поради ова, кога некој денешен историчар кажува дека Филип II навлегол во централна Хелада (како што веќе покажавме, најчесто се користи синтагмата централна Грција), никому нема да му биде јасно каде точно навлегол Филип затоа што никому не му е јасно што се подразбира под Хелада и до каде достигаат нејзините граници. Значи, таквите „историски појаснувања“ ефектуираат со нејаснотии, односно наместо да ги расветлуваат, тие ги замаглуваат работите.
Оттаму, станува нејасно што се подразбира и под терминот Хелени. Станува нејасно и она што само по себе треба да биде јасно – дали оние што живееле на Пелопонез се или не се Хелени?!
Џон Шеј потсетува на еволуцијата на терминот „Хелен“
„Арнолд Тојнби дискутира за еволуцијата на значењето на зборот ’Хелен‘ во грчката литература, забележувајќи притоа дека тој првично бил наменет за специфична група на Грци што живееле во внатрешниот дел на Епир, за подоцна да се употребува како заедничко име за дванаесетте народи во централниот и североисточниот дел на континентална Грција. Другите грчки градови-држави подоцна се придружиле кон оваа група, па името Хелени почнало да се користи за сите што биле дел од оваа цивилизација. Тојнби потенцира дека најважната карактеристика на оваа нова хеленска цивилизација, карактеристика по која се разликува од раните микенски цивилизации, бил градот-држава… Тојнби забележал дека Херодот, пишувајќи во 479 г. пр. н.е., ги ставил заедничката раса и јазик на прво место во неговата дефиниција за хеленизмот, но ја признал и улогата на заедничката култура. Меѓутоа, Исократ скоро 100 години подоцна (380 г. пр. н.е.), потенцирал дека Атињаните ’му имаат дадено духовна конотација на името Хелени, наместо поранешната расна конотација‘… Роберт Браунинг ја брани својата идеја дека да се биде Хелен не зависи од генетското или племенското наследство туку од образованието“[6] и така натаму.
Дали можеби Амфиктионијата може да ни помогне за да ја определиме попрецизно семантиката на терминот Хелада? По сè изгледа не затоа што таму не членувале сите т.н. хеленски градови-држави: „Еден натпис споменат од Дидим ни открива дека на крајот на 345-та жителите на Месена и на Мегалополис побарале да бидат примани во Амфиктионијата: тие се судриле со одбивање, веројатно затоа што народите на средна Грција не сакале да ја претворат Амфиктионијата во панхеленска организација“.[7] По сè изгледа, воопшто и не постоела некоја „панхеленска организација“ во античкиот период затоа што секогаш одредени градови-држави останувале надвор од формираните сојузи, лиги и слично.
Сепак, терминот Хелени бил во употреба во 4 век пр. н.е. и неговата најчеста употреба денес е со значење на жителите во градовите-држави на јужниот дел од Балканскиот Полуостров и ние ќе го употребуваме со тоа значење.
„Одмаздничка војна на Хелените“ во која Хелени не учествувале
Многу често походот на Александар Македонски на Исток се претставува како „грчки поход“, односно како „хеленски поход“ или, пак, како „хеленистички поход“, „панхеленистички поход“ и како „панхеленска војна“. Притоа, најчесто, се игнорира податокот дека во македонската војска која тргнала во походот на Исток имало само 7.000 војници од неколку тогашни јужнобалкански градови-држави, а најмногу од Атина. Дури и тогаш кога се споменува овој податок, не се кажува дека во војската на Александар Македонски имало мал број војници од градовите-држави (кои, патем речено, воопшто не учествувале во битките што ги водела македонската војска), туку се врши терминолошка супституција. За да не се каже дека во редовите на македонската војска имало мал број „Грци“ (етноним што го потенцираат авторите кога зборуваат, на пример, за „високата грчка култура“) се користи, на пример, супститутот „хеленски хоплити“:
„Освен Македонците, Александар, како хегемон, повел и 7.000 хоплити што според Коринтскиот договор му биле ставени на располагање, 5.000 наемници и 8.000 лесно вооружени стрелци, фрлачи на копја и прачкаши (тоа биле одредите на Тракијците, Агрианите, Критците и на други барбарски народи). Хеленските хоплити останале во сенка за време на целиот поход. Се стекнува впечаток дека Александар ги водел со себе повеќе како заложници[8] за мирот во грчкиот свет отколку како вистинска воена помош. Ги користел, главно, како посада и за обезбедување на патиштата“.[9] (истакнатото наше – Р.М.).
Ако Александар Македонски повел со себе „хеленски хоплити“ кои „останале во сенка за време на целиот поход“, тогаш зошто Фанула Папазоглу зборува за „општогрчки карактер на походот против Персија“[10] и дека „одмаздничката војна на Хелените против Персија била завршена со освојувањето на Персепол“?.[11] Каква е таа „одмаздничка војна на Хелените“ во која Хелените воопшто и не учествувале?! Зарем македонскиот крал, македонските војсководци и македонските воини воделе (туѓа) „одмаздничка војна на Хелените“ против Персија?!
[1] Џ.Р. Елис, Македонскиот империјализам, превод Свето Серафимов, Мисла, Скопје, 1988, стр. 27.
[2] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 52.
[3] Патописот на Џио Марио Дељи Анџиолело од 1470 година, во: Александар Матковски, Македонија во делата на странските патописци 1371-1777, Мисла, Скопје, 1991, стр. 68.
[4] За ова да се види, на пример, во Џон Шеј, Македонија и Грција, Битката за дефинирање нова балканска нација, цит. дело, стр. 100.
[5] Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 142.
[6] Џон Шеј, Македонија и Грција, Битката за дефинирање нова балканска нација, цит. дело, стр. 98-99.
[7] Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 175.
[8] И Пјер Карлие го истакнува ставот дека станува збор за заложници: “Тој со себе води грчки одреди кои ќе му служат како заложници#. Да се види: Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 228-229.
[9] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 93.
[10] Исто, стр. 57.
[11] Исто, стр. 119.
(Подготвил: Д. Г.)