Во неколку продолженија Денешен објави делови од докторската дисертација на проф. д-р Ранко Младеноски со наслов „Ликот на Александар Македонски како интерактивен код на културите во македонската книжевност“, која е адаптирана во книга издадена од Македоника литера со наслов „Александар Македонски во македонската книжевност“. Со денешното 10-то продолжение завршува краткиот серијал со извадоци од книгата.

Неколку заблуди за античкиот свет

Пред да преминеме на елаборирањето на заблудите за т.н. „атинска демо­кратија“ и за т.н. „Александров космополитизам“, ќе го разгледаме во кратки црти прашањето за „европската лулка на цивилизацијата“.

Имено, современата наука покажа дека онолку колку што „старо­грч­ка­та“ митологија е „старогрчка“, толку и т.н. „Стара Грција“ е лулка на европската цивилизација. За прашањето за „старогрчката“ митологија веќе зборувавме, а зборувавме и за несоодветноста на терминот „Грција“ за времето пред 2 век пр. н.е. Во врска, пак, со тврдењето дека древната Хелада (најчесто се мисли на градот-држава Атина) е лулка на совре­ме­на­та европска цивилизација ќе се повикаме на тезите на Мартин Бернал во неговата „Црна Атена“. Бернал потенцира: „И покрај триумфот на хеле­низ­мот и отфрлањето на Египет во академските кругови, никогаш целосно не умрел концептот за Египет како ’колепка на цивилиза­ци­јата‘“.[1] Тезата на Бернал, со обемна и солидна аргументација, е дека културата на Хелада од античкиот период не е автентична хеленска туку потекнува од поста­ра­та северноафриканска култура на Египќаните.

Тој вели: „Современиот преведувач на Диодор, професорот Олдфадер, забележува: Првата книга, на разни места, ги презентира тврдењата нагласувани од Египќаните за приоритетот на нивната цивилизација; спротивните тврдења од Грците се празно фалбаџиство“.[2] Бернал ги наведува и причините поради кои побе­ди­ла и станала доминантна неавтентичната теза за Хелада како темел, основа за сета подоцнежна европска цивилизација, односно култура: „Сега се приближуваме кон суштината на овој том и кон потеклото на силите кои на крај успеаја да го соборат античкиот модел и да ја постават Грција наместо Египет на извориштето на европската цивилизација. Јас ќе се сосредоточам врз четири од тие сили: христијанската реакција, подемот на концептот за ’напредок‘, растот на расизмот и романтичарскиот хелени­зам. Тие се поврзани: доколку Европа може да се поврзе со христијан­ство­то, ’христијанската реакција‘ си има работа со европското непријателство кон Азија и кон Африка и со зголемената нетрпеливост меѓу египетската религија и христијанството“.[3] Според Бернал, нема никакви цврсти аргу­мен­ти со кои би можело да се докаже дека Хелада, односно древната атин­ска култура лежи во основите на денешната европска култура. Тој аргу­мен­тира: „Поставувајќи ја првата Олимпијада, одржана во 776 година пр. н.е., за официјален почеток на грчката историја, Гроут дополнително ја потсилил класичната претстава за Грција, која веќе и онака била офор­ме­на, како за своевиден остров кој лебди во простор-времето. Според тоа, произлегува дека старогрчката цивилизација се појавила од нигде-никаде, дека таа едноставно се појавила на светската сцена опремена и вооружена и тоа на еден начин кој, во најмала рака, потсетува на некаква натприродна појава“.[4]

Идентична е заблудата и со т.н. „атинска демократија“ како „лулка на современата демократија во светот“. Демократијата, онаква каква што била практикувана во древна Атина, не била прифаќана дури и во антич­ко­то време. Критиката на демократијата, вели Фанула Папазоглу, е општа црта на теориската мисла на 4 век. Платон, Аристотел, Ксенофонт, Исо­крат – сите тие биле отворени противници на демократијата. Тие го отфрла­ле уредувањето кое ги изедначува добрите и лошите луѓе, богатите и сиромашните, мудрите и простите. Дури и слободата која во демократи­ја­та може да се претвори во неодговорна разузданост, им се чинела негативна.[5] Пјер Карлие, пак, вака ја опишува „демократичноста“ на атинската демократија: „Една тужба за нелегалност има смисла само ако законите се над декретите. Појмовната разлика меѓу законите – општи и трајни – и декретите – посебни мерки врзани со околностите – е многу стара во Атина, но сè до крајот на V-от век законите биле гласани според истата постапка како декретите… Меѓу другото, Атинците станале свесни за опасностите што ги предизвикувало фактичкото мешање меѓу законите и декретите: едно собрание кое може да ги смени правилата по свое наоѓање, без никакво ограничување, многу личи на колективен тира­нин“.[6] (истакнатото наше – Р.М.).

Во античката атинска „демо­крат­ска“ заедница најмногу имало робови

Исто така, општопознат е фактот дека во античката атинска „демо­крат­ска“ заедница најмногу имало робови, односно „во атинското опште­ст­во, како во сите антички општества, има робови, кои се или сопственост на полисот, или, почесто, сопственост на поединци“.[7] Меѓу другото, и еден од најголемите поборници на „атинската демократија“, Демостен, имал робови, односно неговиот татко му оставил наследство од 32 или 33 робови.[8] За време на пописот на Деметриј од Фалерон, според Атенај (Athen., VI, 372, b-d) биле изброени 400.000 робови.[9] Според овој попис (во 317 година пр. н.е.) Атина имала 21.000 граѓани, 10.000 странци-метојки, а вкупно од 100.000 до 120.000 жители не сметајќи ги робовите. И Фанула Папазоглу ја споменува бројката од 400.000 робови, но со одредена резерва во однос на автентичноста на податокот.[10] Врз основа на ваквите подато­ци, Дејвид Хелд нуди еден мошне автентичен заклучок за состојбите со демо­кратијата во античка Атина: „Класичните поимања на­ политичката еднаквост беа мошне далеку од идејата за ’еднаква моќ‘ за­ сите возрасни; политичката еднаквост претставуваше форма на ед­нак­вос­т кај оние со една­ков статус (мажи со атинско потекло), но дури и тогаш, како што накратко ќе забележиме, еднаквиот статус не значеше и можност за еднак­во политичко влијание. Оваа прочуена демократија бе­ше­ тесно врзана со она што може да се нарече ’тиранија на граѓанството‘. Оттаму, треба да си го поставиме прашањето – дали воопшто мо­же­ме­ да се повикаме на Атина како на демократско уредување. Без сом­не­ние­, политиката на античка Грција почиваше врз изразено недемократски ос­но­ви“.[11]

Во стилот на преувеличувањето (а понекогаш и прикривањето, игно­ри­рањето) на историските податоци, се појавува и тезата за т.н. космопо­литизам на Александар Македонски. Да го погледнеме најпрво значењето на терминот космополитизам. Во Лексиконот на Вујаклија читаме: „Гра­ѓан­ство на светот, сфаќања на оној што е космополит“.[12] Оваа кратка дефиниција за космополитизмот, значи, нè упатува да ја погледнеме одред­ни­цата космополит: „Граѓанин на светот, односно оној кој целиот свет го смета за своја татковина, а сите луѓе за свои сограѓани и за свои браќа“. Слично е објаснувањето за одредницата космополит и во Лексиконот на Велика Ширилова.[13]

Прашањето е следново – дали во одредницата „граѓанин на светот, односно оној кој целиот свет го смета за своја татковина, а сите луѓе за свои сограѓани и за свои браќа“ можеме да го пресликаме (или да го препознаеме!) македонскиот крал Александар III Македонски? Безмалку сите историчари мислат – да!

Меѓутоа, можеме ли да кажеме дека „сите луѓе ги смета за свои согра­ѓани и за свои браќа“ оној што наредил, на пример, „да се запалат селата и да се заколат младите… за да страдаат сите оние што го изневериле“.[14] Или, можеме ли да го кажеме тоа за оној кој по седнувањето на кралскиот трон го убил својот братучед само заради тоа што тој потенцијално му го загрозувал престолот? Или, пак, за оној што во афектна состојба го убил Клит, еден од своите најблиски македонски воени заповедници? Или, пак, за оној што наредувал да се срамнуваат со земја цели градови (Теба, Тир итн.), а со тоа и народи и култури?[15]

Се разбира – не! Историчарите кои се обидуваат да ја докажат тезата за наводниот космополитизам на Александар Македонски, ваквите и сличните податоци едноставно ги премолчуваат, ги игнорираат. Јасно е зошто! Затоа што ако ги спомнат ваквите историски податоци, тогаш не ќе можат да ја докажат нивната теза.

Александар беше целос­но свртен кон исток

Од друга страна, тој т.н. „космополитизам“ на Александар Македонски ги исклучува од одредницата „браќа“ токму неговите браќа – Македонците кои се противеле на таа политика на интегрирање на Македонците и Персијците: „Всушност нив (Македонците – н.з.) длабоко ги здоболе кога видоа дека Александар носи персиска облека, а многумина не беа задовол­ни ни од персиските свадбени обичаи. Тоа секако не им се допадна ни на некои од младоженците, иако им беше укажана голема чест, како на крале­ви… Сето тоа ги нажали Македонците, зашто Александар беше целос­но свртен кон исток и ги презираше и македонските обичаи и самите Македонци“.[16] Зарем еден космополит не треба да ги гледа и да ги смета за браќа и своите браќа-сонародници?!

Под „космополитизам“, всушност, се подведува политиката што ја водел Александар Македонски за мешање, интегрирање, хибридизација на двете доминантни компоненти во новата Македонска Империја на Исток – македонската и персиската што, според голем број историчари, водело до создавање на едно „светско кралство“. Но, Александар тоа го правел од практични причини за да може полесно да владее со огромното новоос­вое­но пространство и за да може полесно да го контролира. Тоа, впрочем, е забележано и во наративните извори. Кај Аријан читаме: „Згора на тоа, мислам дека прифаќањето на персиската облека беше итрина, и за Персиј­ци­те, за нивниот крал да не биде целосно различен од нив, и за Македон­ците, за да попуштат малку во нивната грубост и возгордеаност. Заради истата причина си мислам дека и ги внесол во војската персиските војници што ги носеле ’златните јаболка‘ и персиските благородници во нивните одреди на коњицата. А и пијанките, како што вели Аристобул, не беа толку долги заради виното, зашто Александар не пиеше толку вино, туку заради духот на пријателството“.[17] Значи, не е во прашање некаков боже­мен „космополитизам“ на Александар, туку практични чекори за полесно и поефикасно владеење со и полесно контролирање на новоосвоените тери­тории во Азија. Тоа е практика за којашто бил свесен и за којашто зборува и Макијавели во „Владетелот“: „Кога освоените држави се навик­на­ти да живеат слободно и според своите закони, постојат три начини да се задржи власта во нив: првиот е да се разурнат, вториот е владетелот самиот да се насели во нив, а третиот е да ги остави да живеат според соп­ствените закони, но да им собира данок и во нив да воспостави олигархиска влада, со што ќе си го обезбеди нивното пријателство“.[18]

Ваквите заблуди одат дотаму што се зборува дури и за некаква хума­ност на Александар Македонски: „Ако еден Александар Македонски ста­нал славен и таа слава и денес трае, таа не само што се должи на неговите војнички и стратешки вештини и доблести, туку уште повеќе на неговата хуманост и благородно однесување кон сите луѓе, без разлика на нивната национална и расна припадност. Тој не сакал да покорува и да владее, да граби и да урива, туку да гради еден нов свет на слобода, рамноправност и толеранција“.[19]

Идентични непрецизности и неточности среќаваме, на пример, и кај Елеонора Петрова: „Во една голема заедница влегле македонската идејна и воена енергија, хеленската култура и просвета, долговековната тради­ци­ја на египетските фараони и на персиските кралеви. Сите тие ја создале новата Александрова екуменска држава, прва и единствена таква голема мултиетничка и мултикултурна творба со долго траење“.[20] Во овој исказ на Петрова нема ниту збор за античко-македонската култура, а историски неавтентично е тврдењето дека „Александрова екуменска држава“ била „со долго траење“ затоа што таа „екуменска држава““ на Александар се рас­паднала непосредно по неговата смрт, а дијадосите „ја продолжија нацио­налната македонска политика“.[21]

Она што во овој труд го определуваме како „интерактивен код на културите“, а што се однесува на историската личност и книжевниот лик Александар Македонски, не задира во некакви лични определби, погледи или, пак, намери (цели) на самиот македонски крал, зашто историјата нема и никогаш нема да има сигурни, автентични податоци за тоа. Повеќе од јасно е дека македонскиот воен поход на Исток има, пред сè, економски и политички карактер. На крајот на краиштата, идејниот творец на походот во Азија не е Александар Македонски туку неговиот татко Филип II кој, меѓу другото, е познат и како најпатриотскиот македонски крал кому на прво место секогаш му биле интересите на Кралството Македонија.

Поли­тиката што ја води Александар Македонски на Исток има практична цел – да се обезбеди владеењето и контролата врз освоената територија. Доде­лувањето на политичката власт на домордните владетели и почитувањето на културата на колонизираните биле чекори преземени токму во таа насока. Заклучокот дека Александар Македонски е интерактивен код на културите го даваме, пред сè, врз основа на постигнатиот ефект од она што Александар Македонски го создал во текот на својот живот, но и врз основа на сето она што се случувало со неговата слава и со прифаќањето на маке­донскиот крал од страна на многубројни народи и култури, и тоа и многу векови по неговата смрт – независно од тоа дали се зборува за „добри­те“ или за „лошите“ дела што тој ги правел, но и независно од тоа дали некои народи и култури го паметат македонскиот крал по „добро“ или по „лошо“. Фактот што Александар Македонски со своето гигантско животно дело оставил и сè уште остава траги кај бројни народи и култури – тоа е, пред сè, она што го детерминира него како интерактивен код на културите.

 (Подготвил: Д.Г.)

[1] Мартин Бернал, Црна Атена: афроазиските корени на класичната цивилизација, Прв том: Фабрикувањето на античка Грција 1785-1985, цит. дело, стр. 29.

[2] Исто, стр. 105.

[3] Исто, стр. 179.

[4] Исто, стр. 312-313.

[5] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 40-41.

[6] Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 32.

[7] Исто, стр. 25.

[8] Исто, стр. 47.

[9] Парафразирано според: Пјер Карлие, Демостен, цит. дело, стр. 40.

[10] Фанула Папазоглу, Историја на хеленистичкиот период, цит. дело, стр. 231.

[11] Дејвид Хелд, Модели на демократија, превод Мимоза Трајаноска, Академски печат, Скопје, 2008, стр. 36.

[12] Милан Вујаклија, Лексикон страних речи и израза, Просвета, Београд, 1991.

[13] Велика Ширилова, Голем лексикон на странски зборови и изрази, 1-5, Топер, Скоп­је, 2006.

[14] Пјер Бриан, Александар Велики, цит. дело, стр. 49.

[15] Да се види подетално во делот 3.1. Двете лица на Македонецот ≠ “ангелско# и “демон­ско#, погоре во трудов.

[16] Аријан, Александровата анабаса, цит. дело, стр. 209-210.

[17] Исто, стр. 234.

[18] Николо Макијавели, Владетелот, превод Анастасија Ѓурчинова, Култура, Скопје, 1993, стр. 24.

[19] Христо Андоновски, Јужна Македонија од античките до денешните Македонци, цит. дело, стр. 51.

[20] Елеонора Петрова≠Митевска, Идејата за екумена и нејзината историско-фило­соф­ска подлога, во: Портал, Гласник на Македонски духовни конаци, година VII, декем­ври 2007, стр. 17.

[21] Улрих Вилкен, Александар Македонски, цит. дело, стр. 338.