Два пати украдената слика на Тицијан, која што била пронајдена во пластична кеса на автобуска станица во Лондон во 1990-тите, е продадена за 22,3 милиони долари на аукција, пишува Би-Би-Си.
Сликата „Одмор на брегот во Египет“ е инспирирана од библиската приказна кога Исус, Марија и Јосиф бегаат во Египет, откако Јосиф сонувал дека Ирод, кралот на Јудеја, планира да го убие новородениот Исус. Сликата ги прикажува Јосиф и Богородица со бебето Исус како почиваат во шумата на пат, а создадена е во 1510 година, кога Тицијан имал само 20 години.
Аукциската куќа Кристи претходно соопшти дека ова е најважното дело на Тицијан кое се појавува на аукцискиот пазар во неколку генерации и едно од ретките во приватни раце. Не е познато кој ја нарачал сликата, а првиот пишан запис за неа потекнува од 17 век и бил дел од колекцијата на еден венецијански трговец со зачини.
Низ вековите, сликата била во сопственост на разни европски благородници и кралски семејства, а разбојниците ја однеле во два наврати, со разлика од речиси 200 години. Околу 1650 година, австрискиот надвојвода Леополд Вилхелм ја купил сликата и ја однел во палатата Белведере во Виена, каде што останала до 1809 година, кога војската на Наполеон ја нападнала Виена и ја однела сликата во Париз.
Четвртиот маркиз од Бат, Англичанецот Џон Александар Тин, ја купил сликата и ја сместил во нејзиниот сегашен дом во Лонглеат Хаус во Вилтшир. Сликата накратко била украдена во 1955 година, а познат уметнички детектив ја пронашол на автобуска станица во југозападен Лондон, во пластична кеса.