Уште неколку холивудски ѕвезди јавно ја повлекоа поддршката за американскиот претседател Џо Бајден (81) и побараа замена за претседателскиот кандидат на Демократската партија поради загриженоста за неговата возраст и гафовите на јавните настапи.
Холивудските актери се едни од најголемите донатори на демократите, а откако актерите Џорџ Клуни и Мајкл Даглас неодамна побараа кандидат за замена, истото го направија и сценаристите Ајалет Валдман и Дејмон Линделоф.
„Отсекогаш сум донирал повеќе отколку што можам да си дозволам. Но, сега, за прв пат, решив да престанам да донирам за да укажам на мојата апсолутна паника“, рече Валдман.
Во колумна објавена на почетокот на јули, Линделоф ги повика демократите целосно да престанат да донираат за Демократската партија додека не биде сменет Бајден, јавува Би-Би-Си.
Претходно, наследничката на Дизни, Абигејл Дизни, актерите Џон Кјузак и Роб Рајнер, како и писателот Стивен Кинг повикаа на промена на демократскиот кандидат.
Медиумите како потенцијални замени ги наведоа потпретседателката Камала Харис, поранешната државна секретарка Хилари Клинтон и гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.
И покрај тоа, претседателот Бајден за време на својот говор вчера повтори дека нема намера да се откаже од трката за втор мандат во Белата куќа.