Двајца пожарникари се повредени попладнево во пожарот што избувна над Битола кај обиколницата. Од локалната самоуправа во Битола за МИА информираат дека тие се со лесни повреди и оти едниот е задржан на лекување во битолската болница, додека другиот е пуштен на домашно лекување.

Хоспитализираниот пожарникар има изгореници на дланките и на подлактицата. Вечерва во битолската болница тој беше посетен од градоначалникот на Битола Тони Коњановски.

Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов во Тема на денот на ТВ Сител потврди дека има повреден пожарникар во пожарот во Битола и појасни дека таму горат нискостеблести растенија.

-Пожарот во Битола мислам дека нема да ни зададе голема главоболка. Таму често се појавуваат палења во тој дел. Таму има нискостеблесто растение има таму. Има таму еден тунел кога се оди кон Охрид. Верувам дека граѓаните го знаат тоа место. Има една ромска населба и во близина на населбата е запалена нискостеблеста шума. За жал, еден пожарникар е повреден при гаснењето изгорени му се далнките и подлактицата, изјави Ангелов.

Во меѓувреме, изгаснат е крајниот северозападен крак од големиот пожар кој избувна пред шест денови на планината Огражден, над селото Бадилен, на територијата на Општина Ново Село, а доцна попладнево се гасне југозападниот крак, веднаш до границата со Бугарија, информираа од ТППЕ Струмица.

-Во раните утрински часови, тим од седум пожарникари од ТППЕ Струмица учествува во гаснењето на големиот пожар на планината Огражден кој за неколку денови опустоши стотици хектари нискостеблеста дабова и борова шума. Теренот е крајно
непристапен, но сепак тимот успеа да се доближи до самото жариште на пожарот, соопштија од ТППЕ Струмица.

Гаснењето е во координација со четири авиони „Ер трактор“, два на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и два од Република Турција. Пожарот ќе се гасне до крајот на денот.

Според информации од членови на Ловното друштво „Елен“ од Ново Село, кои се вклучени во гаснењето на пожарот, од бугарска страна беше вклучена механизација која со копање „пресеци“ не дозволуваше пожарот да се прошири.