Меѓународниот суд на правдата во необврзувачко советодавно мислење прогласи дека континуираното присуство на Израел на окупираните палестински територии е незаконско и треба да престане „што е можно поскоро“.
Одлуката на таканаречениот Светски суд не е обврзувачка, но е значајна бидејќи има авторитет на меѓународното право и може да ја ослаби поддршката за Израел. Највисокиот суд на Обединетите нации соопшти дека израелските населби, кои се изградени на окупираните палестински територии, се нелегални.
„Израелските населби на Западниот Брег и Источен Ерусалим, како и режимот поврзан со нив, беа воспоставени и одржувани со кршење на меѓународното право“, рече претседателот Наваф Салам, повикувајќи се на заклучоците на комисијата од 15 судии.
Во мислењето се наведува и дека Израел мора да ги надомести Палестинците за штетата предизвикана од окупацијата на палестинските територии и дека Советот за безбедност на ОН, Генералното собрание на ОН и сите земји-членки на ОН имаат обврска да не ја признаат окупацијата како легална и не смеат да го поддржуваат неговото продолжување.
Случајот произлегува од барањето на Генералното собрание на ОН од 2022 година, кое му претходеше на сегашниот конфликт меѓу Израел и Хамас.
Собранието на ОН побара од судот да ги оцени правните последици од израелската „продолжена окупација, процес на населување и анексија“ на палестинските територии, вклучувајќи го и источен Ерусалим, како и поврзаните политики на израелската влада.