6 декември
1421.- Роден е англискиот крал Хенри Шестти, последниот монарх од династијата Ланкастер, кој формално стана владетел во 1422 година, во осмиот месец од животот. Соборен е во династичките борби („Војна на двете ружи“) и е убиен во мај 1471 година во лондонскиот затвор „Тауер“.
1492.- Христофер Колумбо го откри островот Хаити.
1507.- Германскиот картограф Мартин Валдземилер ја објави првата географска карта на новиот континент на кој му беше дадено името Америка. За време на изработката на новото издание на Птоломеовиот атлас тој ги прочита писмата на Америго Веспучи од Новиот свет, во кои италијанскиот морепловец тврдеше дека патот преку Атлантикот не води до Азија, туку до дотогаш непознатиот континент. Валдземилер врз основа на тие описи ја нацрта картата и на неа го стави зборот – Америка.
1779.- Умре Жан Батист Шарден, француски сликар. Теми во неговото сликарство пред се се мртва природа и ентериер. Припаѓа во генерацијата на претходниците на модерната уметност. Роден е на 2 ноември 1699 година.
1833.- Во Нови Сад е роден Јован Јовановиќ – Змај, српски поет, преведувач, новинар, академик и лекар, еден од најпознатите поети за деца. Негови најпознати дела се “Пејанија”, “Трендафилчиња” и други. Како новинар основа и уредува повеќе весници од кои најзначајни се сатиричниот “Змај” и весникот за деца “Невен”. Умре во Сремска Каменица, на 3 јуни 1904 година.
1877.- Американскиот пронаоѓач Томас Едисон во Вест Оринд во Њу Џерси ја демонстрираше првата тонска снимка.
1882.- Умре англискиот писател Ентони Тролоп, кој во голем број романи реалистички ги опишува граѓанските слоеви на викторијанска Англија. Меѓу нив, најуспешни се романите од циклусот за имагинарната покраина Барсет, како што се „Чувари“, „Торњеев Барсет“ и „Последната хроника на Барсет“, во кои се појавуваат истите ликови во различна доба.
1889.- Умре американскиот државник Џеферсон Дејвис, претседател на Конфедерацијата на Американските Држави (11 отцепени јужни држави во САД) во текот на граѓанската војна од 1861 до 1865 година. Уапсен е по поразот на јужните држави во граѓанската војна, но во 1867 година е пуштен од затвор без судење.
1907.- Во една од најголемите несреќи на рудници во САД, загинаа 361 рудар во рудникот за јаглен Монон, во Вирџинија.
1916.- Германски трупи во Првата светска војна влегоа во романската престолнина Букурешт.
1917.- Собранието во Хелсинки ја прогласи независноста на Финска, која ја призна советска Русија. Финска по Наполеоновите борби потпадна под руска власт и во 1809 година стана големо војводство во составот на Руското царство. Дотогаш таа беше составен дел на Шведска.
1917.- Во сударот на францускиот брод „Мон Блан“, товарен со експлозив вклучувајќи и 5.000 тони ТНТ, со белгискиот брод „Имо“ во пристаништето на градот Халифакс во Канада, загинаа повеќе од 1.500 луѓе и околу 8.000 беа ранети, а голем дел од градот беше разорен.
1921.- Велика Британија потпиша мировен договор со Ирска, според кој е воспоставена Ирска Слободна Држава (без поголем дел од Алстера – Северна Ирска) како членка на Британскиот комонвелт.
1925.- Италија и Египет потпишаа договор за границите на италијанската колонија Либија.
1926.- Умре Клод Моне, француски сликар, еден од основачите на импресионизмот. Според неговата слика “Импресија, зајдисонце”, изложена во 1874 година, во Париз, дадено е името на целиот сликарски правец.
1927.- Во Ќустендил умре Ефрем Цветков Каранов, собирач на македонски народни умотворби. Тој, заедно со Ѓорѓи Пулевски, П. Киновски, Ѓ. Абаџиев, В. Икономов, Д. Матов, Е. Спространов и други, се појави како значаен популаризатор на македонското народно поетско творештво. Каранов е основач и претседател на Македонското емигрантско друштво во Ќустендил, прво од таков вид во Бугарија. Роден е во Кратово, на 25 јануари 1852 година.
1929.- Во Република Турција, жените беа изедначени со мажите во поглед на правото на глас.
1941.- Почна контраофанзивата на силите на Црвената армија против германските сили на фронтот пред Москва. На фронтот, широк 300 километри, беа пробиени германските линии. Нацистичките девизии беа прегазени или опколени, а подоцна разбиени.
1942.- Кај селото Папрадиште, Велешко, партизанскиот одред „Димитар Влахов“ беше нападнат од бугарската полиција. Младата партизанка Невена Георгиева – Дуња, која се бореше во првите борбени редови на овој одред, беше смртно погодена од фашистички рафал. Родена е во Скопје, на 25 јули 1925 година.
1968.- Во Велес се одржаа првите „Детски Рацинови средби“, манифестација во чест на ликот и делото на македонскиот поет Кочо Рацин, а покрај тоа, има за цел да го афирмира детското литературно и ликовно творештво.
1971.- Индија ја призна Бангладеш, поранешен Источен Пакистан, а Пакистан возврати со прекин на дипломатските односи со Индија.
1978.- Шпанците на рефернедум го усвоија новиот устав, според кој Шпанија е дефинирана како уставна монархија со парламентарна демократија.
1983.- Умре Роберт Олдрич, американски филмски режисер. Снимаше трилери, вестерни, хорор филмови, психолошки драми и комедии. Меѓу неговите попознати филмови се “Што се случи со Бејби Џејн”, “Апачи”, “Дванаестмината жигосани”, “Бакнеж на смртта” и други.
1989.- Во едно од најголемите масовни злосторства во историјата на Канада, убиец усмрти 14 студентки на Универзитетот во Монтреал кој потоа се самоуби.
1992.- Инду екстремисти ја уништија џамијата во Ајоџа, во северна Индија, која, како што се верува, муслиманските освојувачи ја изградиле во средниот век. Во експлозијата загинаа најмалку 400 луѓе.
1994.- Во Битола умре Методија Марковски, актер на Битолскиот народен театар. Роден е во 1944 година.
1994.- Во Будимпешта, Унгарија, на Конференцијата за европска безбедност и соработка (КЕБС), КЕБС го промени името во Организација за европска безбедоснот и соработка.
1995.- Помеѓу Хабаровск и Сахалин падна рускиот авион „Tu-154“. Несреќата не ја приживеа никој од 97 патници и членови на екипажот.
2001.- Антиталибанските сили ја зазедоа главната база на водачот на исламските терористи Осама бин Ладен во планинското подрачје во источен Авганистан, но самиот тој им побегна.
2004.- Лидерите на 12 јужноамерикански држави, кои претставуваат 361 милион луѓе, во перуанскиот град Куск, потпишаа декларација за создавање Јужноамериканската заедница на народите.
2005.- При падот на иранскиот воен авион „херкулес“ врз густо населениот кварт во Техеран, загинаа сите 94 патници и членови на екипажот, како и 34 лица на земјата.
2005.- Во самоубиствен напад на две жени-бомбашки врз полициската академија во Багдат, загинаа најмалку 45 лица, а 75 беа ранети.
2006.- Долниот дом на австралиското собрание го усвои законот со кој се одобрува клонирање на луѓе за терапевтски цели, кој горниот дом (сенатот) веќе одамна го усвои. Новиот закон дозволува производство на човечки ембриони со клонирање, заради земање на матични клетки. Таа техника наводно го отвора патот за лечање дијабетес, карцином и Алхајмерова болест.
2007.- Во експлозија на метан во рудникот за јаглен „Сињао“ во провинцијата Шанси, во северна Кина, загинаа 105 рудари, додека 26 останаа заробени во окната. Во несреќите во рудниците во Кина годишно во просек страдаат до 10.000 луѓе.
2011.- На 52-годишна возраст почина Гоце Арнаудов, познат македонски пејач на народна музика. На десетгодишна возраст почна да свири гитара и да пее во групата на неговиот татко. По завршувањето на средното образование ја формира групата „Крик“, со која се претставуваше низ цела поранешна Југославија. Во Македонија се врати во 1993 година, а во 1994 година на Фолк фест – Валандово ги освои сите награди со песната „Дали чекаш стара мајко“. Пет години беше прогласуван за најпопуларна личност на Македонија, а учествата на Фолк-фест Валандово му донесоа 22 награди. Неколку пати ја доби наградата за интерпретација на најголемиот пејач „Никола Бадев“ на фестивалот „Гоце Фест“. Редовно учествуваше на турнеи во Европа, Америка и Австралија. Ќе остане запаметен по песните „Ех да беше стрела песната”, “Дали чекаш стара мајчице”, “Ќе пијам ќе лумпувам”, “Свири мајсторе”, “Полни бре меанџијо”… Арнаудов е роден во Струмица на 19 август 1959 година.