43.п.н.е.- Убиен е римскиот оратор, политичар, филозоф и писател Марк Тулиј Цицерон, најголемиот стилист во римската поезија. Беше републиканец, противник на Јулиј Цезар и Марк Антонио. По убиството на Цезар во 44 година п.н.е. е уапсен, а поради серијата напади врз Антонио е убиен. Неговата мисла искажана во делото „За должностите“: “Summum ius summa iniuria” („Најмногу право најмногу неправда“) е типичен израз на неговата интелектуалност. Останати дела: „Беседи“, „За староста“, „За пријателството“, „За крајностите на доброто и злото“ и други.

1863.- Роден е италијанскиот композитор Пјетро Маскањо. Дела: оперите „Ирис“, „Пријателот Фриц“ и други.

1894.- Умре Фердинанд де Лесенс, француски дипломат, инженер, градител на Суецкиот Канал (1859-1869). Во 1881 година почна да го гради Панамскиот канал, меѓутоа, поради финансиската криза, не успеа да го изгради. Роден е на 19 ноември 1805 година.

1906.- Роден е г.г. Доситеј, прв архиепископ охридски и македонски, поглавар на Македонската православна црква. Целиот свој живот го посветил на службата на Црквата. Тој будно го следеше решението на македонското црковно прашање и вложуваше максимални напори за негово разрешување преку обновата на Охридската архиепископија и создавањето на Македонската православна црква. На вториот Црковно-народен собир, одржан од 4 до 6 октомври 1958 година, е избран за поглавар на МПЦ во обновената Охридската архиепископија. Под негово раководство е свикан третиот Црковно-народен собир, одржан на 18 јули 1967 година, на кој МПЦ е прогласена за афтокефална. Умре во Скопје, на 20 мај 1981 година.

1909.- Во Банско, Пиринска Македонија е роден Никола Јонков Вапцаров, бугарски и македонски поет и револуционер. Тој е еден од организаторите на Македонскиот литературен кружок во Софија, во кој беа опфатени повеќе млади македонски литературни творци. Го стрелаа бугарските фашисти во Софија, на 23 јули 1942 година.

1922.- Северна Ирска гласаше за отцепување од Република Ирска.

1924.- Роден е португалскиот државник Марио Соарес. По соборувањето на диктатурата во Португалија во 1974 година три пати е избиран за претседател на владата. Во 1986 година стана шеф на државата и е прво цивилно лице на функцијата претседател на Португалија после 60 години.

1941.- Јапонија без најава за војна ја нападна поморската база во Перл Харбур на Хаваите, а неколку часа подоцна претседателот на САД Френклин Рузвелт објави дека неговата земја влезе во Втората светска војна. Со силни напади врз морнарицата, Јапонија во првата фаза од војната на Пацификот им нанесе големи загуби на САД. Беа потопени скоро сите воени бродови на САД во тој дел од светот, освен носачот на авиони. На земјата се уништени 178 авиони, 3.303 војници загинаа, а 1.272 беа ранети.

1971.- Советска вселенска капсула почна да испраќа радио и ТВ сигнали од Марс.

1985.- Умре англискиот писател Роберт Грејвс, истражувач на грчката и еврејска митологија. Светскиот углед го стекна со историскиот роман „Јас, Клаудиј“ и делото „Грчки митови“. Останати дела: „Хебрејски мотиви“, автобиографски опис на животот во рововите во Првата светска војна „Збогум на сето тоа“, историскиот роман „Клаудиј Бог“, митолошкиот роман „Хомеровата ќерка“, есејот „За англиската поезија“ и други.

1985.- Во Скопје умре Петар Карделев, редовен професор на Машинскиот факултет во Скопје, еден од основачите на овој факултет и еден од првите конструктори и основоположници на машиноградбената и металопреработувачката индустрија во Македонија. Роден е во Битола, во 1909 година.

1988.- Во земјотрес во Ерменија загинаа повеќе од 25.000 луѓе, а половина милион останаа без покрив над главата. Беше уништена повеќе од 10 отсто од ерменската индустрија.

1992.- Во Скопје умре прим. д-р Христо Брашнаров, еден од основачите на Хируршката и Акушерско-гинеколошката клиника на Медицинскиот факултет во Скопје, асистент и професор на првата генерација студенти по медицина во Скопје, основач и професор на Акушерската школа во Македонија и основач на гинеколошко-акушерските одделенија во Струмица и во Прилеп. Во 1964 година прв во Македонија воведе анестезија во оперативните зафати на гинекологијата и акушерството. Роден е во Прилеп,во 1918 година.

1993.- Во Скопје умре Блаже Конески, академик, еден од најистакнатите македонски културни дејци, писател, врвен поет и научник, чие творечко истражување даде огромни резултати во македонската литература, во областа на граматиката и во историјата на македонскиот јазик и во областа на културната историја на македонскиот народ. Тој е прв претседател на Друштвото на писателите на Македонија, прв претседател на Македонската академија на науките и уметностите, почесен доктор на Чикашкиот универзитет и на Универзитетот во Врацлав. Негова прва книга е поемата “Мостот”, ја објави непосредно по војната во 1945 година, а потоа ги објави делата “Земја и љубовта”, “Песни”, “Везилка”, “Лозје”, “Записи”, “Стари и нови песни”, “Чешмите”, “Послание”, “Светото на песната и легендата” и други. Автор е на повеќе значајни трудови, меѓу кои и на “Граматика на македонскиот јазик”, “Историја на македонскиот јазик”, “Македонскиот јазик во развојот на словенските литературни јазици и јазикот на македонската поезија”. Покрај другите награди, добитник е на “Златниот венец” на Струшките вечери на поезијата во 1981 година. Роден е во селото Небрегово, Прилепско, на 19 декември 1921 година.

1995.- Сонда од американскиот вселенски брод „Галилеј“ влезе во атмосферата на Јупитер која во 75-та минута испрати податоци пред да изгори.

1995.- Во Атина, дипломатот Александар Маљас, беше наименуван за шеф на Канцеларијата за врски, во главниот град на Република Македонија, Скопје.

1997.- Во Скопје умре Младен Дилевски, македонски поет. Автор е на книгата песни „Крадец на сонот“. Роден е во селото Беличица, Гостиварско, на 28 јуни 1921 година.

2007.- Министерството за здравство на Уганда официјално соопшти дека во земјата повеќе од 100 луѓе се заразени од ебола.  Во претходната појава на ебола во Уганда во текот на 2000 и 2001 година беа заболени 425 луѓе, а половината од нив се починати.