1443.- Роден е италијанскиот свештеник Џулијано дела Роверо, кој од 1503 до смртта во 1513 година беше папа Јулиј Втори. Беше еден од најголемите покровители на уметноста меѓу поглаварите на римокатоличката црква.

1560.- Умре францускиот крал Франсоа Втори, кој владееше само една година. Го наследи брат му Шарл Деветти, во чиее владеење започнаа верските војни помеѓу римокатолиците и хугенотите.

1771.- Во Падова умре Џовани Батиста Моргањи, роден 1682 година, познат италијански и светски медицински научник, еден од пионерите на новите сфаќања во лекувањето на болестите, втемелувач на патолошката анатомија. Во делото „За жариштата и причините на болестите“ ја збогати медицината со првите описи на некои болести, како што е зболувањето на срцето, туберкулозата на бубрезите, акутна атрофија на црниот дроб и други.

1791.- Во Виена умре Волфганг Амадеус Моцарт, голем австриски композитор, автор на повеќе музички дела со кои даде печат на совршенството и на неповторливиот личен израз. На денот на погребот Виена не му се оддолжи на човекот кој нејзиното име го прослави во светот. Моцарт беше погребан во заедничка гробница на сиромашните, а неговиот ковчег никој не го испрати, освен неговото куче. Негови најпознати дела се оперите „Волшебната флејта“, „Свадбата на Фигаро“, „Дон Жуан“ и други. Роден е во Салцбург на 28 јануари 1756 година.

1839.- Роден е американскиот офицер Џорџ Армстронг Кастер, кој како командант на  коњаничка единица ја предводеше воената кампања во 1870 година против индијанските племиња во Каназас, Дакота и Монтана во име на владата на САД. Загина во јуни 1876 година во битката кај Литл Биг Хорн, кога Сијуксите под команда на поглаварот „Лудиот Коњ“ уништија дел од коњаницата и ги убија сите 264 американски војници кои учествуваа во битката.

1848.- Во цела Америка почна „златната треска“ откако американскиот преседател Џемс Полк објави дека во Калифорнија е пронајдено злато.

1867.- Роден е полскиот државник маршалот Јозеф Клеменс Пилсудски, првиот претседател на Полска од 1918 до 1922 година и иницијатор на војната против Советска Русија во 1920 и 1921 година. Во 1926 година воспсостави диктатура со што ја одржа власта се до смртта во 1935 година.

1870.- Во Каменица е роден Вичеслав Новак, истакнат чешки композитор и музички педагог, професор по композиција на Мајсторската школа во Прага. Умре во Скутеч, на 18 јули 1949 година.

1870.- Умре францускиот писател Алесандар Дима. Најпрво се истакна со романтичните драми „Анри Трети и неговиот дворец“, „Антони“, „Кулата Нел“, „Кин“. Пишуваше и комедии, но со светска слава се стекна со многубројните романи со мотиви од француската историја: „Тројцата мускетари“, „Грофот од Монте Христо“, „Кралицата Марго“, „Дваесет години потоа“.

1980.- Роден е австрискиот филмски режисер Фриц Ланг, еден од најзначајните претставници на експресионизмот. Пред нацизмот побегна во САД, а кон крајот на педесетите години на 20. век дојде во Западна Германија во која остана се до смртта во 1976 година. Филмови: „Уморна смрт“, „Доктор Мабузо“, „Коцка“, „Метрополис“, „Убиецот М“, „Тестаментот на доктор Мабузо“, „Само еднаш се живее“, „И џелатите умираат“, „Министерство на стравот“, „Човечки желби“, „Додека градот спие“, „Индијски надгробен споменик“.

1901.- Во Чикаго е роден Волт Дизни, познат северноамерикански цртач и филмски продуцент, творец на модерниот цртан филм. Умре во Бурбанк, Калифорнија, на 15 декември 1966 година. Дизни со години беше водечка фигура во светот на цртаниот филм, затоа што беше тешко да се надмине неговата техника, поетска сила и духовитост.

1906.- Роден е американскиот филмски режисер од австриско потекло Ото Преминџер, пионер во подготовка на „широките платна“: Филмови: „Лаура“, „Ангелско лице“, „Кармен Џонс“, „Човекот со златна рака“, „Св. Јованка“, „Добарден таго“, „Анатомија на едно убиство“, „Егзодус“, „Кардинал“.

1926.- Умре францускиот сликар Клод Моне, еден од основачите на импресионизмот.

1940.- Умре чешкиот виолинист и композитор Јан Кубелик, кој на осумгодишна возраст почна со јавен настап, стекнувајќи се со углед на еден од најголемите виолински виртуози на своето време. Дела: „Американска симфонија во a-mol“, шест концерти за виолина и оркестар, симфониски варијации за виолина и камерен оркестар, кратки композиции за виолина и клавир.

1956.- Британските и француските турпи почнаа со повлекување од Египет (Суетскиот канал) по неуспехот во Суетската војна.

1962.- САД и Советскиот Сојуз постигнаа договор за мирољубиво користење на вселената.

1977.- Египет ги прекина односите со Сирија, Либија, Алжир, Ирак и Јужен Јемен, арапски земји кои жестоко се спротивставија на започнатиот мировен процес помеѓу Египет и Израел.

1983.- Умре американскиот филмски режисер Роберт Олдрич. Снимаше трилери, вестерни, хорори, психолошки драми и комедии. Филмови: „Што се случи со Беби Џејн?“, „Вера Круз“, „Апач“, „Дванаестмината жигосани“, „Бакнеж на смртта“, “Тивко, тивко Шарлота“, „Затворски круг“, „Големиот нож“, „Убиството на сестрите Џорџ“.

1990.- Во Скопје е регистрирана политичката партија Балканска федерација – Балкан без граници, со седиште во Скопје. За претседател е избран Димитар Даскалов.

1995.- Шефот на шпанската дипломатија Хавиер Солана официјално ја презеде функцијата генерален секретар на НАТО, како прв Шпанец на чело на западниот воен сојуз.

1996.- Претседателот на САД Бил Клинтон за министер за надворени работи (државен секретар) ја назначи Медлин Олбрајт, прва жена на таа функција во американската историја.

1997.- Вулканот Безимјани на полуостровот Камчатка, на рускиот Далечен Исток, повторно е активиран при што се формираше вулкански прав од осум до десет километри над земјината површина.

2007.- Умре Дан Јосиф, еден од лидерите на револуцијата во Романија во 1989 година против режимот на поранешниот романски диктатор Николај Чаушеску.

2007.- Умре Карлхајнц Штокхаузен, германски композитор. Студираше во родниот Келн и во Париз. Најповеќе компонираше за електронски инструменти: Дела: „Контакти“, „Моменти“, „Химна“, „Мантра“, „Светло“.

2011.- Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресуди дека Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008. Претседателот на Судот Хисаши Овада соопшти дека Одлуката е донесена со 15 гласови за и еден против. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот и во огромен процент тие се испочитувани.

2011.- Во Скопје умре Ѓорѓи Доневски, претседател на Здруженијата на децата – бегалци од Егејска Македонија „Незаборав“. Доневски на 13-годишна возраст беше „евакуиран“ односно присилно одделен и одроден од семејството и местото на раѓање за да го продолжи животот во Бела Црква, каде што беше сместен еден од бегалските домови за децата бегалци од Егејска Македонија. Беше неуморен борец за правата на Македонците од Егејска Македонија. Роден во 1935-та во с. Бапчор во Егејска Македонија.

2013.- Првиот црн јужноафрикански претседател и икона на борбата против апартхејдот, Нелсон Мандела почина во својот дом во Јоханесбург на 95-годишна возраст. Мандела ја предводеше мирната транзиција во Јужна Африка со префрлањето на власта од белото малцинство на црнечкото мнозинство во 90-те години на 20-от век, откако претходно во затвор помина 27 години. Во 1990 година Мандела беше ослободен, а неговиот АНЦ легализиран. Во 1993 година ја доби Нобеловата награда за мир, а следната година беше избран за првиот црнец претседател на Јужна Африка. На крајот на својот петгодишен мандат во 1999 година се повлече од функцијата и од политиката. Во годините потоа, Мандела беше вистински амбасадор на новата јужноафриканска реалност, промовирајќи ја земјата низ светот. Тој учествуваше во кампањата против ХИВ/СУДА и за тоа Јужна Африка да биде домаќин на Светското првенство во фудбал во 2010 година. Како почитуван државник, Мандела се вклучуваше и во мировните процеси  во Конго и Бурунди, но и во другите делови од Африка и од светот.