Шпанецот Рафаел Надал го заврши настапот на Олимписките игри во Париз откако вечерва заедно со сонародникот Карлос Алкараз претрпеа пораз во четвртфиналето во машки двојки од американските тенисери Остин Крајчек и Раџив Рам.
Американската двојка се пласираше во полуфиналето со победа од 2-0 во сетови (6-2, 6-4).
Дуелот на централниот терен „Филип Шатрие“ траеше еден час и 39 минути.
Крајчек и Рам за противници во полуфиналето ќе ја имаат чешката двојка Томас Мацхач и Адам Павлашек.
Надал во поединечна конкуренција беше елиминиран во второто коло од Србинот Новак Ѓоковиќ, додека Алкараз во утрешното четвртфинале ќе игра против американскиот тенисер Томи Пол.
Рафаел Надал обелодени денеска дека најверојатно нема да настапи на претстојниот грен – слем УС Опен и навести дека неговата кариера би можела многу брзо да заврши.
Одговарајќи на новинарско прашање, дали ќе замине за Њујорк каде од 26 август до 6 септември на програмата е УС Опен, 38-годишниот Надал рече: „Изгледа дека не, но наскоро ќе ве известам. Засега не можам да ви дадам јасен одговор, ми треба малку време, но ми изгледа тешко“.
Надал потврди дека во септември ќе настапи на Лејвер купот во Берлин, каде пред две години од тенисот се прости легендарниот Швајцарец Роџер Федерер.