Скоро 3 и пол часа траеше одбраната на Александар Василевски Нинџа, обвинет за случувањата на 27 април 2017-та година во Собранието, кој со месеци бегаше од правдата, па пред почетокот на судскиот процес, сам се предаде во Судот. Тој со уште десетина е притворен за случајот со собраниските настани. Денеска од неговото сведочење  не може да се открие која всушност била неговата улога на 27 април.

Иако на минатото рочиште браќата Младеновски обвинети во случајот, кога даваа одбрана го посочија токму Нинџа како организатор кој давал наредби маскираните со фантомки да влезат во Собранието критичниот 27 април, сега Нинџа пред судот се постави во улога на ,,контролор“.

Тврдеше дека високи началници од УБК во тоа време па дури и самиот тогашен директор Владимир Атанасовски биле на телефонска линија со него, а критичната ноќ остварил и средби со нив, но не кажа пред судот што правел во Собранието, зошто носел фантомка, во која улога бил таму.

Нинџа сведочеше дека Управата, односно тогашните началници на петтата управа, Горан Грујоски и Никола Бошкоски, го врбувале за нивни агент, ама не го вработиле оти имал само три години средно во ,,Коце Металец,,. Кажа дека му дале службен пиштол и значка, радио станица, ама не кажа дали земал плата од полицијата. За време на тричасовното сведочење, ту беше обвинет, ту адвокат, па во еден момент дури и се заблагодари на судијката, кажувајќи и дека ,,нема повеќе прашања за обвинетиот “мислејќи на себе.

Василевски за да се спаси од вина, говореше дека сите наредби ноќта му ги давал Атанасовски, но конкретно не посочуваше дејствија. Говореше за наводен  штаб, во опозициската партија, каде бил тогашниот директор на БЈБ и неколку поранешни функционери, дури им даде и улоги кој со кого зборувал по телефон.

Адвокатот на Нинџа, Ѕвонко Давидовиќ, кажа дека неговиот клиент истиот исказ како и денеска го дал и пред Обвинителството во јуни, кога го доби и обвинението со кое се товари за главен организатор на настаните.

ТВ АЛФА