Рускиот амбасадор во Вашингтон, Анатолиј Антонов, денеска изјави дека не верува оти Украина ќе го нападнеше гасоводот „Северен тек“ без одобрение од САД и дека Русија ќе ги идентификува и казни оние кои стојат зад нападот.
На 26 септември 2022 година беше регистриран ненадеен пад на притисокот во гасоводот во Балтичко Море, а сеизмолозите открија експлозии, што предизвикаа бран шпекулации за тоа кој го саботирал мултимилијардерскиот проект за транспорт на руски гас во Германија.
Досега никој не ја презеде одговорноста за експлозиите што оштетија три од четирите гасоводи во близина на данскиот остров Борнхолм.
„Волстрит журнал“ вчера објави дека нападот врз гасоводот во 2022 година го одобрил висок украински воен командант и покрај предупредувањето на американската Централна разузнавачка агенција до украинскиот претседател Володимир Зеленски да не го изврши нападот.
-Тие се обидуваат да ја префрлат целата одговорност на нивните украински марионети. Ќе се обидеме да ги идентификуваме вистинските извршители на нападот и да ги казниме, рече рускиот амбасадор Антонов во изјавата за „Северен тек“.
Русија во неколку наврати изјави дека нападот на „Северен тек“ го извршиле САД и Велика Британија, а Вашингтон и Лондон ги отфрлија обвинувањата.
„Њујорк тајмс“, „Вашингтон пост“ и „Волстрит журнал“ објавија дека Украина стои зад нападот, која постојано ја негира својата вмешаност.
Антонов додаде дека е неверојатно Украина да го нападне „Северен тек“ без одобрение од Вашингтон. Експлозиите се случија во економските зони на Шведска и Данска.
Двете земји соопштија дека експлозиите биле намерни, но допрва треба јавно да кажат кој е одговорен. Двете земји, заедно со Германија, водат истраги за инцидентот.
фото:МИА архива