Мировните преговори за Газа во Доха беа прекинати денеска, а преговарачите се очекува повторно да се сретнат следната недела за да се обидат да постигнат договор за прекин на борбите меѓу Израел и Хамас и ослободување на преостанатите заложници.

Во заедничката изјава, САД, Катар и Египет рекоа дека Вашингтон предложил нов договор врз основа на точките од минатонеделниот договор, кој ги премостува разликите меѓу двете страни и треба да доведе до брз договор.

Медијаторите ќе продолжат да работат на предлогот и во наредните денови, велат оттаму.

„Сега е поставен патот за тој исход, спасување животи, доставување помош за луѓето во Газа и деескалација на регионалните тензии“, објавија тие.

Израелски официјален претставник изјави дека израелската делегација се упатила дома доцна во петокот и дека израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху треба да се сретне со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во понеделник.

Последната рунда повеќемесечни разговори за ставање крај на војната во Газа, во која загинаа десетици илјади Палестинци, почна меѓу Израел и посредниците во четвртокот.

Палестинската милитантна група Хамас не е директно вклучена во преговорите, но е свесна што се случува.

Клучните точки на несогласување беа инсистирањето на Израел дека мирот може да биде возможен само ако Хамас биде уништен, додека Хамас вели дека ќе прифати само трајно, а не привремено примирје.

Други тешкотии вклучуваат редослед на спроведувањето на договорот, бројот и идентитетот на палестинските затвореници кои ќе бидат ослободени заедно со израелските заложници, контролата на граничниот премин меѓу Газа и Египет и слободата на движење на Палестинците во Газа.