Поранешниот колумбиски претседател Белисарио Бетанкур, еден од зачетниците на борбата против нарко царството на Пабло Ескобар, почина вчера в болница.
По веста за неговата смрт се огласи на Твитер и сегашниот шеф на државата Иван Дуке, кој напиша дека длабоко жали поради загубата на неговиот голем пријател, чие политичко, историско и културно наследство ќе биде пример за сите идни генерации.
Во последните неколку дена често се шпекулираше со смртта на Бетанкур, па во една од тие лажни информации поверува и потпретседателката на Колумбија, Марта Лусија Рамирес, која во четвртокот по грешка објави дека поранешниот претседател починал, а потоа јавно се извини.
Бетанкур е конзервативец, кој беше на претседателската функција од 1982 до 1986 година. Тој беше прв лидер кој почна разговори со левичарските бунтовници. Во текот на својот мандат се соочил со насилство предизвикано од трговијата со дрога и најсмртоносниот напад во историјата на Колумбија, заземањето на Палатата на правда, која се наоѓа во центарот на Богота, од страна на нарко картелот на Пабло Ескобар со помош на левичарското движење М-19. Во тоа насилство загинаа 100 луѓе.