Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес денеска наведе дека Гонзалез Урутија побарал политички азил во Шпанија и дека земјата „очигледно“ ќе му го даде. Претходно, на мрежата Икс, Албарес потврди дека опозицискиот челник патувал со шпански воен авион, додавајќи дека Шпанија е „посветена на политичките права“ на сите Венецуелци.

Официјален Мадрид соопшти дека ќе му додели политички азил на лидерот на венецуелската опозиција, Едмундо Гонзалез Урутија, кој замина во егзил во Шпанија по цел месец криење, пренесува Радио Слободна Европа.

Гонзалез се криеше откако беше издаден налог за негово апсење во моменти кога опозицијата ги оспори резултатите од претседателските избори во јули – на кои Државниот изборен совет, контролиран од владата, го прогласи Николас Мадуро за победник.

Шпанскиот министер за надворешни работи Хозе Мануел Албарес денеска наведе дека Гонзалез Урутија побарал политички азил во Шпанија и дека земјата „очигледно“ ќе му го даде.

Претходно, на мрежата Икс, Албарес потврди дека опозицискиот челник патувал со шпански воен авион, додавајќи дека Шпанија е „посветена на политичките права“ на сите Венецуелци.

Каракас соопшти дека се согласил со негово безбедно заминување. Потпретседателката на Венецуела Делси Родригез напиша на социјалните мрежи дека Гонзалез „доброволно“ побарал засолниште во шпанската амбасада во Каракас и побарал од шпанската влада политички азил.

Венецуела е во политичка криза од јули кога властите го прогласија Мадуро за победник на изборите. Опозицијата тврди дека има докази дека Гонзалез Урутија победи со значителна разлика.

Многу нации, вклучувајќи ги Соединетите Американски Држави, Европската Унија и неколку земји од Латинска Америка, одбија да го признаат Мадуро за победник доколку официјален Каракас не ги објави деталните податоци за гласањето.