Молдавските власти испратија барање до Газпром за користење на алтернативна рута за снабдување со гас поради нестабилноста на транзитот низ Украина, соопшти синоќа министерот за енергетика Виктор Парликов.

– Ситуацијата на гасната компресорска станица Суџа, која е под контрола на Украина, е загрижувачка. Нема предуслови за прекин на снабдувањето со гас дури и ако истечат актуелните договори или ако дојде до хаварија на станицата, но работиме на алтернативни рути за снабдување со гориво, изјави тој за ТВ-8.

Според него, републичките власти и компанијата Молдовагаз веќе испратиле барања до Газпром да ги разгледа алтернативните рути за снабдување со гас за Молдавија, вклучително и транзит преку Турција.

– Сега чекаме одговор и ги разработуваме деталите, но главната пресметка е да продолжиме со традиционалните испораки, објасни Парликов.

Тој истакна дека транспортот на руски гас преку Турција ќе ја продолжи трасата и ќе ги зголеми трошоците за испорака, што ќе влијае на конечната тарифа за населението.

Фото: МИА архива