Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи се согласи на компромисен договор за отворање на Ормуската Теснина, што доведе до тоа американскиот претседател Доналд Трамп да го откаже планираниот напад врз Иран, пренесе израелскиот Канал 12, повикувајќи се на два дипломатски извори запознаени со деталите од преговорите.
Според предлогот, бродовите што влегуваат во Персискиот Залив преку Ормуската Теснина би влегувале од иранските територијални води, додека излезот од Заливот преку теснецот би се одвивал преку оманските територијални води.
Дипломатите наведуваат дека и Оман се согласил со предлогот, но побарал појаснување од Иран за тоа дали договорот што го постигнал Арагчи го одразува и ставот на иранската Револуционерна гарда.
Во меѓувреме, како што се наведува, катарските посредници ги продолжуваат разговорите со Иран за да се осигураат дека Револуционерната гарда ќе ги поддржи постигнатите договори.
Американскиот претседател Трамп претходно соопшти дека ги откажува нападите врз Иран под услов брзо да се постигне договор. Во објава на социјалната мрежа „Трут Соушл“ американскиот претседател напиша дека одлучил да ги откаже нападите врз Иран, под услов со земјата брзо да се склучи договор кој би вклучувал неодложно отворање на Ормуската Теснина и ставање крај на нуклеарната закана од Иран.




