Германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул ја повика Европската комисија да ја направи заштитата на надворешните граници на Европската Унија „апсолутен приоритет“, откако десетици илјади мигранти пристигнаа во шпанската ексклава Сеута од Мароко.
– Ситуацијата во Сеута во последните неколку дена беше апсолутен стрес-тест, кој го положивме – изјави Вадефул за „Билд“, додавајќи дека настаните сепак ги изложиле ранливостите на Европа.
– Затоа очекувам Европската комисија да ја направи заштитата на надворешните граници апсолутен приоритет за да не се загрози дополнително Шенгенскиот систем на отворени внатрешни граници на ЕУ – рече тој.
Вадефул рече дека ефективната миграциска политика зависи од соработката со земјите надвор од Европа, пренесе ДПА.
– За контрола на илегалната миграција, ни требаат партнери надвор од Европа, како во овој случај Мароко – рече тој, додавајќи дека Шпанија и Мароко успеале заедно брзо да ја решат кризата, што тој го поздрави.
Се проценува дека меѓу 50.000 и 60.000 луѓе стигнале во Сеута од Мароко за краток временски период, а најмалку 67 лица загинале обидувајќи се да преминат. Спасувачките екипи и викендов ја продолжија потрагата по морето.
Речиси сите мигранти во меѓувреме се вратиле во Мароко, според шпанската влада. Соочени со мала перспектива за понатамошно патување и недостиг на сместување и основни потреби, многумина се разочарале и доброволно се вратиле, јави шпанскиот весник „Ел Паис“.




