На денешен ден се случиле повеќе настани од поблиската и подалечната историја на Македонија, меѓу кои се загинувањето на војводата Аргир Маринче, убиството на Димо Хаџи Димов и популарниот штипски војвода и уредник на весникот Автономна Македонија, Владислав Ковачев.
На 13 септемви во 1903 година околу 2.000 жители од Охридско, пред силниот налет на Бахтијард-пашовата туска војска што пустошеше се пред себе, побара засолниште во месноста Рашанец. Збегот беше добро организиран и заштитуван од четите на војводите Аргир Маринче, Никола Митрев, Цветко Стојанов и други.
Со помош на предавник, турската војска го скрши и овој востанички отпор на македонското население од овој крај во времето на Илинденската епопеја. Околу 200 жители од Охридско загинаа во борбата на Рашанец. Меѓу загинатите беше и војводата Аргир Маринче, кој со својата храброст им даде пример на сите борци како треба да се борат за слободата на својот народ.
Аргир Маринче е роден во Охрид, во 1870 година.
На овој ден во 1924 година во Софија атентаторот Владо Черноземски го уби Димо Хаџи Димов, еден од најпознатите идеолози и теоретичари на автентичното македонско национално-ослободително движење.
Беше учесник во битката кај Баница, на 4 мај 1903 година кога животот го загуби апостолот на македонското национално-ослободително движење Гоце Делчев. По поразот на Илинденското востание застана на страната на прогресивната левица на ТМОРО, а во времето на Младотурската револуција разви активна идеолошка дејност и беше еден од иницијаторите за создавање на Народната федеративна партија на чело со Јане Сандански.
Роден е во селото Горно Броди, Егејска Македонија, на 20 октомври 1875 година.
На 13 септември 1924 година во Софија е убиен Владислав Ковачев, популарен штипски војвода и публицист, уредник на весникот “Автономна Македонија” и идеолог на Македонската емигрантска федеративна организација. Роден е во Штип, на 5 јануари 1875 година.
На денешен ден во 1995 година Република Македонија и САД воспоставија дипломатски односи.
На овој ден во 1995 година министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Стево Црвенковски и Каролос Папуљас, во Њујорк во присуство на Сајрус Венс, специјален претставник на генералниот секретар на Обединетите нации, потпишаа Привремена спогодба за пријателски односи и градење доверба и се обврзаа на почитување на заемниот суверенитет и територијален интегритет прифаќајќи ги меѓународно признаените државни граници.
По склучувањето на оваа спогодба беше сменето државното знаме на Република Македонија со 16-кракото сонце.
(Подготви: Д. Г.)