Русија и Украина разменија воени заробеници, по 103 од двете страни, соопшти руското Министерство за одбрана, пренесе Интерфакс.

Во соопштението се наведува дека руските војници кои денеска беа разменети се заробени во Курската област.

„Како резултат на преговарачкиот процес, денеска беа разменети 103 руски војници заробени во областа Курск. Тие беа вратени од територијата контролирана од Киев“, се вели во соопштението.

Во соопштението се додава дека биле разменети 103 украински воени заробеници. Сите руски војници ослободени од украинско заробеништво се во Белорусија.

„Во моментов целиот руски воен персонал се наоѓа на територијата на Република Белорусија, каде што им е укажана потребната психолошка и медицинска помош и можно е да контактираат со нивните семејства“, се вели во соопштението.

Се истакнува дека Обединетите Арапски Емирати обезбедиле хуманитарни посреднички напори за време на враќањето на рускиот воен персонал од заробеништво. Како што е најавено, сите ослободени војници ќе бидат префрлени во Русија на лекување и рехабилитација во медицинските установи на Министерството за одбрана на Русија.