Косовскиот премиер, Албин Курти вели дека ќе соработува со секој што ќе победи на наредните претседателски избори во Соединетите Американски Држави, нагласувајќи дека со поранешниот претседател и актуелен кандидат, Доналд Трамп имал „заеднички јазик“.

Во денешното интервју за „Фајненшел тајмс“, што го пренесуваат медиумите во Приштина, Курти вели дека со администрацијата на поранешниот претседател Трамп Косово имало добра соработка, потенцирајќи го тогашниот повик на Вашингтон до европските земји на НАТО да ги зголемат инвестициите и расходите за одбрана.

Осврнувајќи се на односите со Европската унија, Курти изрази уверување дека назначувањето на новата извршна власт во Брисел оваа есен создаде шанса повторно да се фокусира на „агресивната улога на Србија на Балканот“, наместо на помекиот пристап кон Белград, кој според косовскиот премиер во последно време го имаше ЕУ.

Зборувајќи за прашањето на мостот на реката Ибар, кој го дели градот Митровица на северен дел, населен со српско мнозинство, и јужен со албанско мнозинство, и за противењето на сојузниците во однос на напорите на косовската влада да го отвори, Курти рече дека Косово сака нормален мост, а „нормален мост е отворен мост“.

„Сакаме нормален мост. Нормален мост е отворен мост, единствените кои се задоволни со затворен мост се оние кои продолжуваат да сонуваат за поделба на Косово. Европа урна ѕидови. Не е во ред да се инсистира на затворен мост“, изјави Курти.

Во врска со обврската на Приштина да ја формира Заедницата на општини со српско мнозинство, Курти изјави дека во Косово не може да има српско „супер-малцинство како што сака Белград“.

„Не сакам никој да биде привилегиран, исто така не сакам никој да биде дискриминиран. Не може да има супер-малцинство како што сака Белград“, изјави Курти за „Фајненшл Тајмс“.