Во тешка состојба, со речиси откажан бубрег е префрлен на Клиниката за нефрологија обвинетиот велешанец Боре Видески во случајот за двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и пензионерот од Велес, 74 годишниот Панче Жежовски. Ова за Радио Слободна Европа го потврди и неговиот адвокат Бојан Манев, кој вели дека во неконтактибилна состојба неговиот клиент вчера утрото бил транспортиран од притвор на Клиниката. Тој во минатото има трансплантиран бубрег, и веќе подолго време се жалел на болки.

„Првично бил однесен во Градската болница „8 Септември“, по што го транспортирале на скопскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Веднаш му е извршена дијализа, но според моите информации се уште е во лоша здравствена состојба. Претпоставките се дека ќе треба подолго време да заздрави, што би можело да трае и повеќе од еден месец. Не знам што да ви кажам, бубрегот како да му е пред распаѓање, сепак дијагнозата треба да ја постават лекарите“, вели адвокатот Манев за РСЕ.

Видевски е еден од петтемина обвинети за грабнување и убиство во судскиот процес кој започна пред десет денови. Сите се изјаснија дека не се виновни. Видевски се наоѓа во притвор од почетокот на декември лани кога беше уапсен како осомничен за делата. И претходно во неколку наврати е носен на интервенција на клиника.