Писмото до ЕУ е во подготовка, пред да го испратам сакам да имам појасна слика до каде сме и што можеме да направиме, изјави денеска на прес-конференција премиерот Христијан Мицкоски, во одговор на прашање до каде е подготовката на писмото со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите и дали очекува поинаква опција или оптимизам од Унијата.
Не би се согласил дека нема оптимизам. Не би се согласил со ставот дека таму не постои разбирање за нашите позиции, одговори Мицкоски, додавајќи дека ако не се смени Преговарачката рамка тогаш „најдобро е да прифатиме се и да се избришеме’.
Тогаш најдобро е да прифатиме се што бараат соседите, да се избришеме, и тогаш ќе бидеме најсреќни. Така јас не водам политика. Ако некој друг така водел политика во минатото, да ги ограбува граѓаните и да се самоизбришува тогаш тие беа поразени пред 4 месеци. Писмото е во подготовка. Утре патувам во Берлин ќе има состанок на Берлинскиот процес, ќе разговарам со голем број од европските политичари, пред да го испратам писмото сакам уште малку повеќе да имам јасна слика за тоа до каде можеме и што можеме да направиме – рече Мицкоски.
Премиерот минатиот викенд најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси.
Диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања. Не барам сочувства и изговори. Барам почит за мојот народ. Ние планираме да ја вклучиме и опозицијата во процесите, кога ќе дојде време за тоа. Нема да ветуваме работи кои се неостварливи, но и нема да пропуштиме да ја консултираме опозицијата и да побараме поддршка за нашите напори. Сепак, целите ни се заеднички и немаме дилема околу тоа. Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвомислена воља за дијалог, реформи и изнаоѓање решение. Јас сум на располагање за идеи и дијалог и тоа сите скептици треба да го знаат. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провиниенција. Ќе продолжиме напред, се допаѓало тоа некому или не – подвлече Мицкоски од Охрид минатиот викенд.