Mилиони парчиња лесно оружје на Балканот се „главна закана за европската безбедност“, нагласи денеска францускиот министер за надворешни работи Жан Ив Ле Дриан, додека Париз и Берлин се обидуват да запрат негово ширење во Европа.
Тоа оружје е „главна закана за европската безбедност“, изјави Ле Дриан до кој беше неговиот германски колега Хајко Мас кој рече дека „таквата ситуација е неприфатлива и дека терористи и криминалци и понатаму убиваат луѓе во Европа“.
– Европол оценува дека моментно на Западен Балкан има меѓу 3 и 6 милиони парчиња огнено оружје, изјави францускиот министер мислејќи на Хрватска, БиХ, Албанија, Косово, Македонија, Србија и во Црна Гора.
Двајцата министри се состанаа во рамки на француско-германска координациска иницијатива за сузбивање на криумчарење огнено оружје на Западен Балкан покрената во крајот на 2017 година и која има план за акција до 2024 година.
– Во нападите во Франција во 2015 година терористите користеле оружје незаконски набавено во тоа подрачје, истакна францускиот министер.