Руската агресија врз Украина и актуелната состојба на Блискиот Исток ќе бидат двете главни теми на денешната средбата на шефовите на дипломатии на земјите членки на ЕУ во Луксембург.
Денешното редовно заседание на Советот за надворешни работи се одржува во пресрет на средбата на шефовите на држави или влади на земјите членки на ЕУ предвидена за в четврток и петок во Брисел на која меѓу темите за расправа се и поддршката за Украина и случувањата на Блискиот Исток по иранските напади врз Израел и интензивирањето на конфликтот во Либан.
Во делот од заседанието на Советот на кое ќе се разговара за руската агресија врз Украина и поддршката на ЕУ за земјата, преку видео конференцискиа врска ќе се вклучи украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха, кој со своите европски колеги ќе има неформална размена на мислења за случувањата на теренот.
По дебатата за Украина, за време на работниот ручек, министрите ќе имаат неформална размена на мислења со шефот на британската дипломатија Дејвид Лами.
Попладне, министрите за надворешни работи на ЕУ ќе разговараат за последниот развој на настаните и ескалацијата на состојбата на Блискиот Исток и за одговорот на Унијата на овие случувања.
На ова октомвриска заседание на Советот за надворешни работи, министрите ќе бидат информирани и за состојбите поврзани со претседателските избори во Молдавија, закажани за 20 октомври, и парламентарните избори во Грузија, предвидени за 26 октомври.
Дополнително, предвидено е европските шефови за надворешни работи на ЕУ да разговараат и за состојбите во регионот на Рогот на Африка и во Венецуела.
Со денешното заседание на Советот ќе претседава високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
Во продолжение ќе се одржи и состанок на Советот за соработка ЕУ-Казахстан. Предвидено е на состанокот да се разговара за Договорот за засилено партнерство и соработка меѓу ЕУ и Казахстан, како и за политички, економски и трговски прашања, поврзани со внатрешните реформи, владеењето на правото и почитувањето на човековите права во оваа централно азиска земја, за напорите за справување со обидите за заобиколувањето на европските санкции кон трети земји, за можности за олеснувањето на билатералната соработка, за снабдувањето со критични суровини и за меѓусебното одржливо поврзување.
На средбата ќе стане збор и за теми поврзани со регионалните и меѓународните случувања, за безбедносни прашања и за соработка во рамки на европската иницијатива „Глобална порта“.
Фото: МИА Архива