Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ донесе одлука за намалување на основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, односно од 2,75 на 2,50 проценти.

Одлуката, како што информираат од НБРМ, е донесена на вчерашната редовна седница на Комитетот на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика. Одлучено е и понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 12 декември да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари.

На седницата е заклучено дека согласно со тековните економски и финансиски услови, согледувањата за амбиентот за спроведување на монетарната политика се нешто поповолни од претходно, што укажува на тоа дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика.

-Ова, пред сѐ се однесува на девизниот пазар, каде што движењата и натаму се поволни, како одраз на подобрата девизна позиција на корпоративниот сектор, но и поволните движења на менувачкиот пазар. Сепак, останува констатацијата за и натаму присутни ризици и од домашното и од надворешното окружување, што можат да ги променат поволните трендови, велат од НБРМ.

Внимателно во наредниот период

Најавуваат дека Централната банка и натаму внимателно ќе ги следи трендовите во следниот период во контекст на поставеноста на монетарната политика.

-Врз основа на оцената на постојните економски и финансиски услови, како и на постоечките ризици, Комитетот оцени дека постои простор за натамошно олабавување на монетарната политика. Намалувањето на каматната стапка е одраз на натамошните поволни движења на девизниот пазар, што упатуваат на солидна надворешна позиција и стабилни очекувања на економските субјекти. Поволни се и поместувањата во депозитната база на банките, што исто така е сигнал за стабилни очекувања и доверба. Општо земено, и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и отсуство на нерамнотежи, соопшти НБРМ.

Во однос на најновите макроекономски показатели, се вели во соопштението, проценетите податоци за БДП за третото тримесечје од годинава покажуваат солиден економски раст од 3 проценти, на годишна основа, малку повисок од очекуваниот во октомвриските проекции.

-Од аспект на структурата на растот, во третиот квартал поволните остварувања на извозната страна се главниот фактор за високиот позитивен придонес на нето-извозот за вкупниот економски раст. Позитивен придонес има и домашната побарувачка, воден од растот на личната и јавната потрошувачка, и покрај продолжениот пад кај бруто-инвестициите. За последниот квартал од 2018 година, при ограничен обем на расположливи високофреквентни показатели за економската активност, тешко може да се даде прецизна слика за движењата во овој период. Сепак, дел од засега расположливите показатели, конкретно од индустријата и трговијата, упатуваат на натамошен раст на економијата, велат од НБРМ.

Од аспект на инфлациските движења, додаваат, во периодот јануари-ноември, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени и натаму изнесува 1,5 отсто и е во согласност со очекувањата. Ризиците околу проектираната стапка на инфлација за 2018 година од 1,6 отсто се оценуваат како урамнотежени.

-Последните податоци за девизните резерви покажуваат нивен натамошен раст, при понатамошни поволни движења на девизниот пазар и интервенции со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Поместувањата кај девизните резерви во периодот октомври – ноември се повисоки од очекувањата во рамки на октомвриските проекции, а анализите на показателите за нивната адекватност покажуваат дека тие и натаму се одржуваат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор за последното тримесечје, нивниот број засега е ограничен. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од ноември упатуваат на нето-приливи во согласност со очекуваните од октомвриската проекција, истакнуваат од НБРМ.

Раст на депозитите

Остварувањата во надворешнотрговската статистика во октомври, според Централнат абанка, исто така упатуваат на трговски дефицит, во рамки на проектираниот. Во однос на остварувањата во билансот на плаќања, податоците за третото тримесечје од годинава укажуваат на повисок суфицит во тековната сметка во однос на октомвриската проекција, но и на нешто повисоки нето финансиски одливи од очекуваните за овој период.

-Во однос на монетарните движења, првичните податоци за ноември покажуваат забрзување на месечниот раст и на депозитите и на кредитите. Притоа, раст е забележан и кај штедењето на домаќинствата и кај корпоративните депозити. За растот на кредитната активност речиси подеднакво придонесуваат и секторот „домаќинстава“ и секторот „претпријатија“. Во периодот октомври ‒ ноември, остварувањата кај депозитните и кредитните текови се во рамки на очекуваните за овој период согласно со октомвриските проекции, посочуваат од НБРМ.

На домашните пазари на пари, прецизираат, беше забележана стабилна активност, при задржување на поволната ликвидносна состојба во банкарскиот систем. Имено, во периодот помеѓу двете седници на Комитетот, денарските ликвидни средства на банките се зголемија пред сѐ заради континуираните девизни приливи и интервенциите на НБРМ за откуп на девизи, коишто изнесуваа 17,6 милиони евра во ноември и 4,8 милиони евра во првите десет дена од декември.

-Со оглед на ваквите остварувања, вкупниот откуп на девизи на НБРМ од почетокот на годинава заклучно со 10 декември изнесува 319,7 милиони евра, што е највисок откуп во последните десет години. Откупот на НБРМ на вишокот девизни средства на девизниот пазар се одвива во услови на стабилна девизна ликвидност на банките, којашто овозможува целосно задоволување на сезонски повисоката нето-побарувачка за девизи на клиентите од корпоративниот сектор, велат од НБРМ.

Променливи движења

Банките, додаваат, ги регулираа краткорочните флуктуации кај денарската ликвидност во текот на ноември преку пласирање во расположливите депозити преку ноќ кај НБРМ, коишто овозможуваат висока флексибилност и достапност на средствата за непречена кредитна поддршка на домашните економски субјекти.

-Во ноември, на меѓународните финансиски пазари и натаму постојат променливи движења при зголемена одбивност за преземање ризик кај инвеститорите, што услови раст на побарувачката за безбедните финансиски инструменти во еврозоната и САД. Пазарното расположение беше движено од послабите макропоказатели во еврозоната, при што во услови на зголемена загриженост за забавување на економскиот раст, инвеститорите ги намалија очекувањата за динамиката на нормализирање на монетарната политика на Европската централна банка во текот на следната година. Сигнали за постепено запирање со зголемувањето на каматните стапки беа воочени и на американските пазари, по изјавата на претседателот на централната банка дека тековното ниво на референтната каматна стапка во САД е само умерено пониско од неутралното ниво. Во услови на зголемена понуда на нафта и намалени изгледи за глобалниот економски раст, цената на нафтата се намали на најниско ниво во последните седум месеци, заклучуваат од НБРМ.