Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против 20 лица за воени злосторства извршени во Ѓаковица во 1998 и 1999 година, а според Радио Слободна Европа меѓу обвинетите е и поранешниот потпретседател на Српска листа, Милан Радоичиќ.
Обвинителството побара судењето да се одржи во нивно отсуство.
Во соопштението на Обвинителството, обвинетите се идентификувани само со иницијали и се товарат за воени злосторства против цивилното население.
Според обвинението, тогашниот началник на Секретаријатот за внатрешни работи во Ѓаковица, командантот на единиците на Специјалната полиција и командантот на 52-та ракетно-артилериска бригада, заедно со останатите обвинети, меѓу кои и Радоичиќ, како припадници на тие единици учествувале во убиството на 107 цивили за време на широка воена и полициска операција.
Обвинителството наведува дека за време на операцијата жените и децата биле одвоени од мажите. Жените биле ограбени, при што им биле одземени накит, пари и други вредни предмети, додека мажите биле егзекутирани, дел во нивните домови и дворови, а дел на локацијата позната како „Мостот на Талиќ“. Во операцијата биле запалени и куќи.




