Гасниот интерконектор со Грција и брзата пруга се проекти приоритет број еден бидејќи Македонија може сериозно да се развива само од наплатата на транзит на гас и транспорт по брза пруга, истакна министерот Николоски во емисијата Клик Плус на ТВ 21.
Тој потенцира дека тендерот за изградба на интерконекторот е распишан пред една недела, роковите се кратки и веќе во месец ноември треба да стигнат понудите.
– Можеме за две до три години да го изградиме тој интерконектор. Ќе имаме гасно поврзување од Александрополус преку Солун, Гевгелија, Скопје се до Куманово, со што ќе ја намалиме зависноста од рускиот гас бидејќи сега гас стигнува само од Бугарија чиј сопственик е Гаспром. Нудиме и чекор понатаму. Со Србија потпишавме меморандум за разбирање за изградба на интерконектор со Србија. Ние сме стигнати до границата, а тие до Ниш и треба да се спуштат надолу. Тоа значи дека преку Македонија може да стигне најголем дел од гасот кој што ќе се користи во Централна Европа. И затоа треба да бидеме паменти, Македонија може да живее само од транзит на гас и транспорт преку железница, изјави министерот Николоски.
Во однос на проектот за изградба на 400 – киловолтниот далновод Охрид-Елбасан и поврзувањето со Албанија, министерот Николоски истакна дека се разгледуваат две опции со ЕБРД во насока на прекинување или реобјава на овој проект, но во двете опции, Владата е посветена во следните неколку години и тој да биде изграден.
Николсоки вели и дека земјава е природна крстосница на двата коридори и затоа мора да се искористиме предностите. Посочува дека има огромна шанса, но мора да има и заложба од другите земји кои се на двата коридори за заеднички да се унапредат.
– До границата со Бугарија води експресен пат кој околу Нова година ќе го пуштиме во сообраќај за граѓаните и за околу 1 час и 20 минути ќе се стигнува до границата. Започнавме реконструкција на граничниот премин Деве Баир, но од другата страна на границата ништо не се работи за да може квалитетно да се поврземе, потенцира Николоски.
Тој го посочи примерот и со граничниот премин Клепало кој од македонска страна е изграден пред десетина години, но не е ставен во функција од причина што бугарската страна до сега нема инвестирано во инфраструктурата.
– Ако имаме автопатско поврзување кон Бугарија а тие немаат, тогаш која е поeнтата ние да градиме автопати. Сега ја забрзуваме постапката за Охрид – Кичево, забрзуваме и со Гостивар – Букојчани, што значи дека ќе имаме автопат и нa запад. Добра вест е што Албанија гради, што значи дека ние автопатски ќе се поврземе со две пристаништа Драч и Валона, додека од бугарска страна не се грaди ништо. Истото е и со пругата. Мораме да имаме заедничи проект бидејќи пругата не води никаде. Тие јавно истакнаа дека немаат проект за пругата и дека до 2026 година ќе го направат проектот, а ќе им требаат уште најмалку четири години да ја изградат. Јас не сакам да оставам позади мене незавршен проект па генерациите после мене да решаваат проблеми. Дополнително на Бугарите ќе им треба повеќе време бидејќи тие треба да ја реконструираат и целата пруга од Ѓуешево до Софија, истакна министерот Николоски.
Потенцира дека потребно е да се ревидира прво проектот за третата фаза, потоа да се прилагоди цената и да се обезбеди договор со Бугарија со кој ќе дадат гаранции дека пругата ќе ја изградат до границата.
Во однос на коридор 10, тој истакна дека приоритет за следната година е реконструкција на пругата и амбициозниот проект за изградба на брза пруга.