Претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, упатил официјално писмо до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во врска со неодамнешните одлуки на Уставниот суд и нивното влијание врз меѓуетничката кохезија и одржливоста на земјата.

Како што денеска соопштија од ДУИ, писмото е одговор на сериозните предизвици со кои се соочува Македонија во еден исклучително чувствителен геополитички момент, кога секоја нова тензија може да има негативни последици врз меѓуетничките односи и внатрешниот развој. Ахмети во писмото истакнува дека одлуките за укинување на заштитните механизми за заедниците и измените на Законот за употреба на јазиците не само што се политички контроверзни, туку, се посочува во соопштението, се опасни  и штетни за напредокот и одржливоста на општеството.

ДУИ апелира до политичките партии и институции за поголема одговорност и зрелост во овој критичен период, поттикнувајќи решенија кои ќе ја зајакнат соработката и заедништвото, а не поделбите. Писмото на Ахмети, кое е приложено во целост во ова соопштение, како што наведуваат од партијата, претставува повик за соработка, взаемна почит и конструктивен дијалог.

ДУИ останува посветена на заштитата на меѓуетничкото разбирање и инклузивноста, кои се темели на напредокот на С. Македонија и нејзината европска иднина, се додава во соопштението.

Сега по две децении на власт, очигледно тежок им е животот во опозиција и на ДУИ и на нејзиниот лидер Ахмети.

Во прилог: Писмото на Али Ахмети до Христијан Мицкоски

Почитуван г. Христијан Мицкоски,
Претседател на ВМРО-ДПМНЕ,

Ви се обраќам во исклучително чувствителен период за нашата земја. Геополитичката состојба е поопасна од кога било од крајот на минатиот век, со ескалацијата на руската агресија во Украина, амбициите на Кина, сложената ситуација на Западен Балкан, нестабилноста во Босна и Херцеговина, тензиите меѓу Косово и Србија, како и континуираните блокади од страна на Бугарија. Во оваа комплицирана средина, секое ново нарушување на меѓуетничките односи би имало сериозни последици за внатрешната кохезија и предвидливост.

Последните одлуки на Уставниот суд, кои изгледа дека се извршување на програмата на вашата партија за укинување на клучните механизми за заштита на заедниците, предизвикаа загриженост кај сите граѓани кои се посветени на градењето на подобро одржливи меѓуетнички односи  во С. Македонија.

Охридскиот договор, кој донесе подобро меѓуетничко разбирање, не е само политичко прашање, туку е темел на нашата мултиетничка демократија, стабилност  и демократски напредок. Секоја обид за негово доведување во прашање, особено во актуелниот контекст, е чекор кој може да ја влоши состојбата во земјата и регионот.

Одлуките за измена или ревизија на Законот за употреба на јазиците, кој е клучен елемент на Охридскиот договор, не се само политички контроверзни, туку и штетни за напредокот и соработката меѓу заедниците. Ова е развој што може да ги поткопа придобивките стекнати со значителен труд и да ја врати земјата во периоди на несигурност.

Затоа, ве повикувам да размислите со зрелост и одговорност за овие одлуки кои имаат потенцијал да ја нарушат мултиетничката кохезија во С. Македонија. Иднината на нашата земја треба да се гради врз основа на соработка и взаемна почит, а не врз поделби. Секој чекор што ги нарушува овие основи е штетен за иднината на нашата земја и за сите нејзини граѓани, без разлика на етничката припадност, се вели во писмото од Ахмети.

Ахмети испрати писма и до претседателот и до премиерот на Република Албанија, Бајрам Бегај и Еди Рама, до претседателката и до премиерот на Република Косово, Вјоса Османи и Албин Курти, до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, до канцеларот на Германија Олаф Шолц, до претседателот на Франција Емануел Макрон, како и до државниот секретар на САД Ентони Блинкен.

Во овие писма, Ахмети ја изразува својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања во Македонија, кои ги загрозуваат достигнувањата на Охридскиот договор и принципите на еднаквост и стабилност во мултиетничката држава.

Ахмети истакнува дека трите последни одлуки – плановите за укинување на Законот за употреба на јазиците, забраната за идентификација на етничката припадност во државните институции и формирањето на владејачко мнозинство без праведна застапеност на етничките заедници – претставуваат сериозни закани за мирот и стабилноста на земјата и на регионот во целина.

Тој повикува на заедничка акција на меѓународните лидери за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и правата на Албанците во Македонија.

За подобро илустрирање на содржината на овие писма, подолу е презентирано писмото испратено до Рама.

Ви го пренесуваме во целост:

„Со длабока загриженост Ви се обраќам денес за најновите политички и уставни случувања во С. Македонија, кои ги загрозуваат историските достигнувања на Охридскиот договор и основните принципи на еднаквост и мир во нашата мултиетничка држава, особено за Албанците во С. Македонија.

Вознемирувачките планови, најавени од самата Влада, дека Уставниот суд ќе ги укине основните одредби на Законот за употреба на јазиците, кои го утврдија албанскиот јазик како еднаков службен јазик според Амандманот 5 на Уставот, претставуваат сериозен удар врз Охридскиот договор, еднаквоста, меѓуетничката хармонија и стабилноста во земјата.

Понатаму, одлуката на Уставниот суд за забрана на идентификацијата на етничката припадност на граѓаните во државните институции го крши принципот на колективни права на етничките заедници и, со тоа, ги поништува основните механизми на балансер и принципот на Бадинтер, кои се во сржта на Охридскиот договор. Овие механизми се создадени за да ги гарантираат колективните права на етничките заедници според демографската реалност, обезбедувајќи основна заштита од било каква форма на доминација. Уставниот суд, со укинувањето на изјавувањето на етничката припадност, го крши самиот Устав, чии основни вредности вклучуваат праведна и соодветна застапеност, и нè враќа во состојбата пред Охридскиот мировен договор.

На крај, по последните избори, основниот принцип на Охридскиот договор, кој бара формирање на политичко мнозинство врз основа на праведната застапеност на етничките заедници, беше сериозно прекршен. Ова дејствие не се однесува само на Демократската унија за интеграција (ДУИ), туку го загрозува принципот на праведна застапеност, гарантиран со Амандманот 6 на Уставот на С. Македонија, кој служи како заштитен механизам против доминацијата на мнозинството над малцинствата.

Овие три значајни удари врз темелите на Охридскиот договор претставуваат сериозна закана за мирот, стабилноста, меѓуетничката хармонија и мултиетничката демократија во С. Македонија. Овие не се само внатрешни политички прашања, туку имаат сериозни импликации за регионот и неговата стабилност. Овие интервенции се закануваат да ги укинат клучните елементи на мирот и еднаквоста, враќајќи нè во условите кои беа причина за кризата и војната во 2001 година.

Во оваа критична фаза, Ве повикувам на заедничка и решителна акција за заштита на достигнувањата на Охридскиот договор и загарантираните права на Албанците. Вашата посветеност за подигање на меѓународната свест и ангажирање на релевантните институции за оваа уставна и политичка криза е неопходна.

Ви благодарам за Вашата континуирана посветеност на албанските прашања и стабилноста на регионот.

Со почит,
Али Ахмети
Претседател на Демократската унија за интеграција“