Педесет и три сателити од Русија и од странско производство беа успешно лансирани рано утринава од космодромот Восточни во областа Амур на рускиот Далечен Исток, соопшти руската вселенска агенција Роскосмос.
Во соопштението се наведува дека ова е рекорд и дека во орбитата успешно се лансирани 49 руски, еден руско-кинески, еден руско-зимбабвеански и два ирански сателити.
Амбасадорот на Иран во Москва, Казем Џалали, вчера објави дека Русија денеска ќе лансира два ирански сателити во орбитата со помош на ракета Сојуз. Џалали на платформата „X“ напиша дека, како дел од продолжувањето на развојот на научната и техничката соработка меѓу Иран и Русија, во денеска ќе бидат лансирани два ирански сателити „Ковсар“ и „Ходод“ во земјината орбита оддалечена 500 километри.
Иранскиот приватен сектор е одговорен за развојот на сателитите „Ковсар“ и „Ходод“, што е негово прво значајно достигнување, објавија минатиот месец иранските медиуми. Русија го лансираше иранскиот истражувачки сателит Парс 1 во вселената во февруари оваа година со помош на ракета Сојуз од космодромот Восточни.
фото: ЕПА