Премиерот Христијан Мицкоски вели дека ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на избори уште утре, но прашањето е дали за тоа треба да трошат парите на граѓаните. Одговарајќи на новинарски прашања во однос на можноста да се одржат предвремени парламентарни избори, заедно со локалните во 2025 година, тој вели дека Владата има четиригодишен мандат од граѓаните и дека треба да ги засука ракавите и да работи за доброто на сите.
„Наша цел е да донесеме нешто добро за граѓаните и тоа го правиме секој ден. ВМРО-ДПМНЕ е спремна да оди на избори утре, но дали треба да потрошиме уште 10 милиони евра на граѓаните, ваши пари, да застане системот, да не испорачуваме реформи, за да уште еднаш СДСМ се соочи со голем пораз, кој мислам ќе биде поголем од тој што го имаа пред шест месеци.Или да ги засукаме ракавите и да работиме. Јас би ја избрал втората опција“, рече Мицкоски по посетата на Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
„СДСМ и ДУИ да се освежат“
Одлуката за избори, според него, треба да се носи во интерес на граѓаните, а не во интерес на „љубители на естрада“. Потсети дека за десетина месеци ќе има и официјална кампања за локалните избори.
„Би им посакал на двете поголеми опозициски партии, заедно со една помала партија, програмски и кадровски да се освежат и тоа да го покажат на следните локални избори.Тогаш ќе зборуваме дали има потреба од предвремени парламентарни избори и дали Владата уште ужива доверба кај граѓаните. Повторувам ВМРО е подготвена уште утре да оди на избори“, додаде Мицкоски.
Темата стана актуелна по пратеничките прашања на 31 октомври кога лидерот на СДСМ, Венко Филипче го повика премиерот Христијан Мицкоски да се повлече од функцијата бидејќи ги погазил своите ветувања. „Подготвени сме да одиме на избори од денеска натаму. Во секој следен циклус на избори ќе настапиме многу организирано и многу поуспешно“, порача тој подоцна на прес-конференција.