На маргините на настанот на Европската политичка заедница во Будимпешта остварив продуктивна средба со францускиот претседател, Емануел Макрон, објави на социјалната мрежа на Фејсбук премиерот Христијан Мицкоски.
„Отворено разговаравме за одблокирање на патот на Македонија кон Европската Унија. Оптимист сум за нашата иднина, се бориме за нашите аргументи и вистината која е незаобиколива.
Ќе дадеме се од себе да ги зачуваме државните и националните интереси“, пишува Мицкоски во својата објава.
Мицкоски имаше и други средби, за што изјави:
Денеска, овде во Будимпешта во присуство на Европската политичка заедница имавме квалитетен работен ден кој што изобилуваше со многу работни средби со европските државници. Во текот на денот направивме многу средби, ги презентиравме нашите аргументи, како ја гледаме нашате економска иднина, она кое што е важно, нашите економски цели, начинот на кој што планираме да ја развиваме нашата економија, но истовремено да ги презентираме нашите погледи и аргументи за нашиот евроинтегративен пат, соопшти Мицкоски.
Се бориме за нашите аргументи и за вистината, ќе продолжиме да се бориме за Македонија, вели Мицкоски.
-Со секоја средба, се повеќе и повеќе се бориме за нашите аргументи и за вистината онаква каква што е. Онаа вистина која што ја чувствуваат нашите граѓани и која што е важна за Македонија. Ќе продолжиме да се бориме за Македонија во неделите, месеците и годините кои што следат. Мора да успееме, мора да бидеме таму каде што заслужуваме, а тоа е успешна европска приказна. Местото наше е во Европската Унија. После овој состанок на Европската политичка заедница овдека во Будимпешта сум уште повеќе оптимист дека мора да не биде и ќе не биде. Тоа што е важно, е дека ние ќе дадеме се од себе да ги одбраниме националните интереси на македонските граѓани и на нашата татковина, додаде премиерот.