Министерот за одбрана и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, Владо Мисајловски, од студиото на ТВ21 најави дека ВМРО-ДПМНЕ ќе ги добие следните локални избори.
„Ако добро се сеќавате токму до ова студио јас најавив дека ќе има убедлива победа на парламентарните избори и дека ќе бидеме блиску до 2/3 мнозинство. Сега од тука повторно кажувам дека ВМРО-ДПМНЕ убедливо ќе победи на следните локални избори“, рече Мисајловски.
Тој изјави дека предвремени избори не се потребни, туку работа во четиригодишниот мандат.
За законот за бранителите. Мисајловски кажа дека не знае дали ќе помине, но вети дека ќе даде поддршка на бранителите како министер.
„Јас колку што знам, не се расправа сега за законот. Се што е поврзано за бранителите, и се што може да помогне, јас ќе го поддржам. Но прашае е дали овој период кога се достави е вистински. Имаа шест години можеа да го направат, не го направиле. Не знам дали ќе продолжи да се расправа во Собранието. Дали ќе помине или не, оставете да видиме. Нека разговараат пратениците. Од она што можам да го ветам, и да не помине законот, можам да кажам дека ќе им помагам на бранителите“, рече Мисајловски.
За состојбите во АРМ, Мисајловски истакна:
„Имало многу негрижа низ минатите години за капацитетите на Армијата, и тие се руинирани, распаднати“.
Тој рече дека ќе се заложи да има подобрување на истите.
„Мораме да го гледаме и тој дел ако сакаме целосно да се модернизираме како армија. Веќе се преземени активности во тој дел, и ќе дадеме максимум да вложиме средства за подобрување на капацитетите. Криволак е важно за нас многу, но мора да се вложува во сите капацитети“, изјави Мисајловски од студиото на ТВ21.